Rss feed

Здравје

четврток, 16 февруари 2012, 11:58

Аспиринот ги стеснува патиштата по кои ракот се шири во организмот

Аспиринот ги стеснува патиштата по кои ракот се шири во организмот
Аспиринот може да го попречи ширењето на ракот така што ги стеснува патиштата по кои оваа болест се шири, утврди тимот австралиски научници од Центарот за канцер „Питер Макалум“ во Мелбурн.

Австралиските научници утврдија дека молекулите на аспиринот го намалуваат ширењето на лимфните садови, клучните патишта за метастазирање на ракот. Кога лимфните садуви  се тесни, се намалува можноста за ширење на туморот.

Лекарите веќе одамна се сомневаат дека нестероидните антинфламаторни лекови меѓу кои е и аспиринот го инхибираат ширењето на канцерот, но досега немало одговори на прашањето како до тоа доаѓа. Откритието на австралискиот тим би можело да води до создавање нови, успешни терапии против ракот.

Минатата година во угледното медицинско списание „Лансет“ се објавени резултати од студијата кои покажаа дека стапката на заболување од рак на дебелото црево, простата, бели дробови, мозокот и грлото се помали кај лицата кои секојдневно земаат аспирин.

Многу лекари советуваат секојдневно конзумирање на аспирин и како средство за намалување на ризикот од инфаркт, шлог предизвикан од крвно згрутчување и други проблеми поврзани со крвотокот. Од друга страна, долгорочното секојдневно земање аспирин може да доведе до стомачни проблеми дури и внатрешно крварење.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.