понеделник, 13 февруари 2012, 19:03
Многу јадење води до губење на меморија
Прекумерното јадење може да го зголеми двојно ризикот од губење на меморијата кај возрасните луѓе, покажува истражувањето на американски научници.
Тие утврдиле дека луѓето кои консумираат повеќе од 2.100 калории дневно, многу поверојатно ќе страдаат од "благо когнитивно нарушување" од оние кои внесуваат помалку калории. Откритието покажува дека одржувањето на диета со малку калории кај постарите луѓе го задржува умот бистар и дури може да спречи Алцхајмерова болест.
Американските научници ги истражувале навиките за јадење и пиење на 1.200 лица на возраст меѓу 70 и 89 години кои не страдале од деменција. За целите на истражувањето тие требало да бидат подложени на тестови за меморија. Научниците откриле дека 163 учесници имале проблеми со меморијата, а ризикот од вакви проблеми бил два пати поголем кај луѓето кои конзумирале најмногу калории.
Врската била јасна, дури и откако научниците зеле предвид и други фактори кои влијаат на губењето на меморија, како нивото на образование или доживувањето на мозочен удар, дијабетес или депресија. Научниците ги поделиле учесниците на три групи - едната со луѓе кои конзумираат од 600 до 1.500 калории дневно, друга со луѓе кои конзумираат од 1.500 до 2.100 калории, и трета со луѓе кои конзумираат од 2.100 до 6.000 калории.
Кај луѓето од првите две групи не биле утврдени никакви значајни разлики, што значи дека конзумирањето на помалку од 2.100 калории не претставува ризик од загуба на меморија.