недела, 12 февруари 2012, 19:10
Безалкохолните пијалоци го зголемуваат ризикот од астма
Прекумерна консумација на безалкохолни пијалоци е поврзана со зголемен ризик од астма или хронична белодробна опструктивна болест, соопштува сајтот news.com.au, повикувајќи се на резултатите од австралиско истражување.
Експерти од универзитетот во Аделејд спроведоа телефонско интервју на околу 17.000 лица над 16-годишна возраст.
Учесниците треба да одговараат на прашањата поврзани со потрошувачката на безалкохолни пијалоци како кока-кола, фанта, лимонада итн.
Резултатите од истражувањето покажале дека еден од десет учесници пие по повеќе од половина литар безалкохолни пијалоци дневно.
Специјалистите утврдиле дека потрошувачката на газирани пијалаци е поврзана со зголемен ризик од астма и хронична опструктивна белодробна болест. Се покажало исто така дека колку е поголемо количеството, толку е поголем ризикот.
Како целина, 13,3 проценти од учесниците со астма и 15,6 проценти од оние со хронична опструктивна белодробна болест се изјасниле дека пијат по повеќе од половина литар безалкохолни пијалоци дневно.
Авторите истакнуваат дека истражувањето ја нагласува потребата од здрава исхрана и внесување на течности за заштита од хронични болести.