понеделник, 16 јануари 2012, 15:54
Тангите веќе не се во мода
Иако за мажите тие се најсексипилното парче од облеката, во Франција тангите се помалку будат интересирање кај жените, кои се почесто се свртуваат кон поудобните модели, што воедно ја истакнуваат нивната фигура.
-Во текот на 90-тите тангите во Франција беа главното парче од долната облека, но тоа веќе не е случај, вели Сесил Герен, директорка на Меѓународниот саем на долна облека, што неделава ќе се оддржи во Париз.
Станува збор за најголемиот саем за долна облека во светот (Salon International de la Lingerie) на кој ќе се претстават најновите трендови на водечките светски производители.
Денеска, едвај една од четири Французинки, кои спаѓаат во најголемите купувачи на долна облека во светот, имаат танги во својот ормар, што е за 30 отсто помалку во однос на 2008 година, покажа едно неодамнешно истражување.
Иако се уште 45 отсто жени сметаат дека тангите се секси, една четвртина ги смета за „излитени“, а дури секоја десета за практични.
Дека времињата се сменети покажува и тоа дека е тешко да се најдат танги меѓу моделите изложени пред почетокот на саемот.
-Тешко дека ќе ги најдете и во женските списанија. Мора да се признае дека тангите не им одговараат на повеќето женски тела. Се вовлекуваат во задникот и ништо не прават за да ја истакнат женската фигура, рече Герен.