понеделник, 26 декември 2011, 17:15
Сите 2.800 изданија на „Вог“ станаа достапни на Интернет
Секое од 2.800-те изданија на модното списание „Вог“, почнувајќи од првото издадено на 17 декември 1892 година, се ставени во Интернет архива, пренесуваат денеска француските медиуми.
По две години работа, Интернет архивата на „Вог“ им е предадена на графичките дизајнери, фотографите и стилистите на кои прелистувањето на старите броеви од списанието заради добивање инспирации и идеи им е составен дел од работата.
За 1.575 долари годишно, заинтересираните можат да прегледаат 400.000 страници од ова популарно списание, објавени во изминатите 120 години.
Списанието „Вог“, што почна да излегува како „неделен магазин за мода и општество“, до 1912 година излегувало неделно, потоа до 1973 година на две недели од кога излегува еднаш месечно.
Мет Дилинџер, мултимедијалниот продуцент кој раководеше со дигиталниот проект, истакнува дека најголема вредност на оваа Интернет архива е што секој наслов, фотографија и реклама имаат референца за пребарување и со тоа стануваат лесно достапни.
Во пребарувањето, сепак, треба да се знае што се бара бидејќи во архивата постојат 12.406 референци „Шанел“, 8.970 „Диор“ и 6.136 со „Ив Сен Лоран“.