четврток, 16 февруари 2012, 16:19
Џулијан Асанж гостин на Симпсонови
Основачот на „Викиликс“ Џулијан Асанж ќе му се придружи на популарното американско семејство на 500-јубилејната епизода на цртаната телевизиска серија „Симпсонови“, која ќе биде емитувана в недела на 19 февруари.
Австралискиот активист, кој моментално се наоѓа во куќен притвор, по жалбата на одлуката на британскиот суд да го предадат на Шведска каде е обвинет за силување, го позајми гласот на барање на творецот на „Симпсонови“ Мат Гренинг кој слушнал дека Асанж е голем обожавател на неговите јунаци.
- Тој очевидно е контроверзна личност и за тоа разговаравме пред да се договориме да го пуштиме тоа да го направи. Но, тоа е забавна улога која не носи никаков суд за неговиот поширок случај, изјави пред новинарите Ал Џин, извршен продуцент на серијата.
Асанж е последен во низата познати личности кои „глумеле“ во оваа хит серија, а меѓу кои се и Елизабет Тејлор, астронаутот Баз Олдрин, основачот на „Плејбој“ Хју Хефнер и поранешниот британски премеир Тони Блер.
Во трејлерот на претстојната епизода може да се види градоначалникот на Спринфилд кој ги објавува резултатите од референдумот за протерување на омразеното семејство Симпсон од градот.
- Тоа е чувствителна приказна за семејство кое открива што нејзините соседи навистина мислат за нив, а тоа што го мислат не е добро, па мораат со тоа да се соочат, рече Џин по повод 500-та епизода на серијата.
Серијата „Симпсонови“, сатирична пародија на начинот на живот на американскиот среден слој на луѓе, прв пат е прикажана во 1989 година. Тоа до денес е најдолготрајна и една од најгледаните серии кои во текот на оваа сезона просечно ја гледале околу 7,7 милиони луѓе. Се емитува во повеќе од 100 земји на 50 јазици.
Приказната за Хомер Симпсон и неговото дисфункционално семејство, жената Марџ и децата Барт, Лиси и Меги, станаа еден од симболите на американската култура.
Симпсонови освоија 27 Еми награди, имаат своја ѕвезда на Булеварот на славните во Лос Анџелес, а една од изреките на Хомер „D'Oh“ влезе во Оксфордскиот речник на англиски јазик.
- Шоуто својата популарност делумно му ја должи на омразата на светот кон Америка, и тоа успеавме да го материјализираме, се пошегувал Џин.
- Шегата на страна, тоа е приказна за семејство, а било каде да одите, секаде луѓето имаат семејство кое често не функционира совршено, така што сите помалку се пронаоѓаат во неа, додаде тој.