Rss feed

Шоу Бизнис

среда, 15 февруари 2012, 10:55

Расплаканата Анџелина Џоли се заблагодари на босански јазик

Расплаканата Анџелина Џоли се заблагодари на босански јазик
Режисерското првенче на холивудската дива Анџелина Џоли „Во земјата на крв и мед“ синоќа беше премиерно прикажан пред многубројната публика во сараевската сала „Зетра“.

Џоли не можеше да ги сокрие солзите, заплака и рече дека многу и значи што е во Сараево, а публиката ја наградуваше со силни и долги аплаузи.

Во придружба на својот сопруг Бред Пит, Анџелина прошета по црвениот тепих , на кој љубезно им позираше на фоторепортерите и делеше автограми на фановите, а непосредно пред премиерата ја поздрави публиката на јазикот на домаќинот, поради што беше поздравена со голем аплауз.

Пред почетокот на проекцијата, Џоли и се обрати на публиката и заплака пред полната сала, додека посетителите стоеја и и аплаудираа.

„Знам дека овој филм буди болни емоции, но со тоа потсетуваме не само на патењето туку и на она што сте го преживеале. Ја сакам Босна и ве сакам вам“ рече Џоли, а публиката повторно и возврати со овации.

Филмот, како што рече, го снимила за да го потсети светот на она што се случувало во текот на војната во Босна и Херцеговина, но и да претстави една така убава земја како што е Босна.

Интересирањето за филмот беше огромно, а пред почетокот на премиерата влезот на сараевската сала „Зетра“ беше блокиран, такси возилата одбивале да возат кон тој правец.

Покрај еден од најпопуларните светски парови, Анџелина и Бред, на премиерата пристигнаа и голем број на јавни личности од БиХ, како градоначалникот на Сараево, Али Бехмен, како и ѕвездата на филмот, актерката Жана Марјановиќ.

Актерскиот пар беше сместен во хотелот „Европа“ во претседателски апарат, а на прес конференцијата на која присуствуваа околу 200 новинари, новопечената режисерка повтори дека идејата за својот филмски првенец ја добила по многубројни истражувања, како и разговори со луѓе кои ја преживеале војната во БиХ, истражувајќи бројни документи, а имала и воени советници.

„Сметав дека е доста важно да ги поттикнам луѓето на размислување за тоа како светот е обврзан да интервенира кога се случува злосторство“ нагласи Џоли во Сараево и додаде дека едноставно почувствувала дека оваа тема и е битна.

Коментирајќи зошто ја избрала баш оваа војна за својата приказна, холивудската дива истакна дека има одговорност да зборува за такви работи од минатото за кои како млада скоро и ништо да не знаела.

„Филмот воопшто не е анти-српски“ нагласи Џоли и додаде дека е тажно што денеска воопшто се поставува такво прашање бидејќи според неа тоа значи дека на Балканот се уште се чувствуваат последиците од војната.

„Сепак бев изненадена од негативните реакции во српските медиуми и неразумните, потполно лажни тврдења за моето наводно политичко стојалиште за Република Српска“ рече Џоли.

Таа рече дека луѓето во Србија и Република Српска се доволно интелигентни сами да си донесат свој суд, како и дека се надева дека ќе го погледнат филмот и ќе сфатат дека станува збор исклучиво за уметност.

Таа потврди дека белградската премиера на нејзиниот фил е на 23 февруари, но дека засега нема да оди во Белград.

Во филмот се прикажува љубовта помеѓу еден Србин и Босанска муслиманка кои ја започнале својата љубовна врска пред војната во БиХ.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.