Rss feed

Наука и Технологија

петок, 27 јули 2012, 14:57

Skype: Не ги прислушуваме нашите корисници

Skype: Не ги прислушуваме нашите корисници
Skype официјално ги негира обвинувањата дека им помага на владините агенции да ги прислушуваат корисниците.

Изјавата е на Марк Жиле, кој е главен директор на одделот Development and Operations. Тој ги опиша шпекулациите на темата како неточни, во публикација на официјалниот блог на компанијата.

Претходно оваа недела на интернет се прошири информација дека Skype и Microsoft намерно ја сменија комуникациската архитектура на својата услуга.

На овој начин прислушувањето на разговорите помеѓу корисниците станува многу полесно.

"Неточно. Одлуките за архитектурата на Skype се базираат на нашата желба да им дадеме на нашите корисници најдобар можен производ", вели Жиле на официјалниот блог.

Според него Skype бил во процес на развој на новата архитектура, уште пред да стане сопственост на Microsoft.

Употребата на оваа технологија не е со цел давање на полесен пристап на тајните служби до комуникацијата на корисниците, додава тој.

"Уште од 2005 година Skype има тим од вработените, кој се занимава само со одговори на барањата од правна природа и од државните институции. Нашата позиција секогаш била дека кога институцијата бара ваков тип на постапки, ние одговараме на законски начин и доколку е можно технички", вели Жиле.

Тој категорично негира дека Skype спроведува мониторинг или ги снима разговорите на потрошувачите.

"Како и секогаш досега, софтверот автоматски ја енкриптира секоја Skype-до-Skype врска меѓу компјутерите, паметните телефони и другите мобилни уреди со способноста да работат со целосната верзија на Skype. Тоа не е променето", вели Жиле.



 

РУБРИКА Поврзани вести

Моментално нема вести кои се поврзани со оваа вест.


МРТ © 2010 - Сите права се задржани.