Rss feed

Наука и Технологија

среда, 15 февруари 2012, 20:29

Тим Кук ја претстави својата визија за Apple пред инвеститорите

Тим Кук ја претстави својата визија за Apple пред инвеститорите
Додека беше на чело на Apple, починатиот Стив Џобс ги третираше инвеститорите речиси како закана - многу ретко се решаваше да се сретне и да поразговара со нив. Новиот извршен директор на компанијата Тим Кук вчера покажа дека планира да пристапи различно во споредба со својот претходник.

Тој одлучи да го промени односот кон инвеститорите и зеде учество на конференцијата на Goldman Sachs, пишува New York Times. За разлика од презентациите на компанијата кои се користеле досега, за време на оваа дискусија Кук требаше да одговара на прашања од поинаква природа. Тоа открива малку повеќе детали за начинот на размислување, коментира весникот.

Кинеските фабрики

Човекот кој му поставувал прашања на Кук е Бил Шоуп, аналитичар во Goldman Sachs. Поголемиот дел од панелот беше посветен на односот на Apple кон условите на работа во неговите добавувачи како Foxconn. Темата доби силен одек по серијата истражувачко новинарство на New York Times во кинеските претпријатија, каде се составуваат i-производите. Покрај лошите услови за работа, вонредни часови, малото време за одмор и ниските плати во овие компании се вработуваат и малолетни лица.

Кук објави дека фирмата предводена од него нема да толерира добавувачи кои ги кршат работничките стандарди и човековите права. Тој ја опиша како "одвратна" практиката за користење на детски труд и отстранувањето на таквата ситуација е меѓу "главните приоритети" на Apple. Компанијата презеде мерки за истражување на условите во претпријатијата, каде што се прават нејзините производи.

"Знаеме дека луѓето имаат високи очекувања кон Apple", изјави Кук. "Ние имаме големи очекувања и за нас самите".

Таблети и компјутери

Извршниот директор на ИТ-гигантот потврди една своја стара теза дека таблетите порано или подоцна ќе ги надминат по продажба традиционалните компјутери. Кук објави дека според него, ако сега се направи конференција на програмерите на РС апликации може никој да не се појави. Додека ако се направи сличен настан, наменет за програмерите на iOS софтвер, учесниците ќе наполнат една голема сала во хотел.

Паричните резерви и телевизорите

За време на дискусијата, Кук не даде многу информации за тоа што планира да прави Apple со своите парични резерви од околу 100 милијарди долари. Тој само ги повтори досегашните коментари дека за прашањето ќе се разговара со одборот на компанијата, што ја потхрани хипотезата за евентуалниот откуп на акции или пак за исплата на дивиденди.

Кук загатна, иако индиректно, за намерите на Apple да влезе на телевизискиот пазар. Според него, уредот Apple TV не се смета за сериозен производ, бидејќи не постигнува пазарен ефект на другите уреди произведени од компанијата, како iPod, iPhone или iPad.

"Секогаш сме сметале дека таму (на телевизискиот пазар) има нешто големо и ако ја следиме нашата интуиција и продолжиме да бараме, може да го најдеме", коментира Кук.

Тој одговори и на прашањето за неговиот менаџерски стил и дали неговиот пристап за управување на Apple ќе се разликува од оној на Стив Џобс. Според него практиката на Џобс да им сугерира на сите вработени на компанијата како треба да се фокусираат на развојот на одлични производи никогаш нема да биде заменета.

"Apple е таква корпорација поради својата уникатна култура", додава Кук.



 

РУБРИКА Поврзани вести

Моментално нема вести кои се поврзани со оваа вест.


МРТ © 2010 - Сите права се задржани.