петок, 03 февруари 2012, 15:24
„Гугл“ казнет поради нудењето бесплатни услуги на „ Гугл Мапс“
Трговскиот суд во Париз на интернет пребарувачот „Гугл“ му изрече казна во износ од над 500.000 евра, затоа што на својата апликација „Гугл Мапс“ на корисниците бесплатно им нуди преглед на карти.
Судот реагираше по тужбата на француската фирма „Ботен Картограф“ која се занимава со продажба на мапи и која смета дека со бесплатното нудење на картите на „Гугл мапс“, интернет пребарувачот сака да ја „уништи конкуренцијата и да воспостави монопол на пазарот на интернет картографијата“.
Парискиот суд го прифати ваквиот аргумент и одреди „Гугл“ да и исплати отштета на „Ботен Картограф“ во износ од 500.000 евра и да плати казна 15.000 евра поради својата „деловна пракса“ на бесплатно нудење на услугите.
Адвокатот на „Ботен Картограф“ во реакција на судската одлука изјави дека со тоа е докажана „илегалноста на стратегијата на „Гугл“ за остранување на конкурентите“. - Судот ја сфати неправедноста и агресивноста на овие методи, потенцира адвокатот.
„Гугл“ од своја страна најави дека ќе поднесе жалба на ваквата пресуда, потенцирајќи дека неговата апликација „Гугл Мапс“ и натаму има конкуренција на пазарот, па неможе да станува збор за воспоставување монополска позиција.
Ова е прв случај „Гугл“ да биде судски казнет поради бесплатното нудење на карти на апликацијата „Гугл мапс“. Во коментар на пресудата на Судот во Париз медиумите оценуваат дека од ова произлегува оти „можете да правите општествено корисни работи, но тоа морате и да го наплатувате“.
Медиумите проценуваат дека доколку пресудата биде потврдена и од повисока судска инстанца, би можело да се очекува лавина на слични обвинувања што би предизвикало тектонско нарушување во интернет сферата. Според нив, ако продолжи ова тенденција за брзо време би можело да се доведеме во состојба на интернет веќе ништо да не биде бесплатно.