Rss feed

Забава

петок, 17 февруари 2012, 10:07

Дожд од златници падна од таван врз ѕидари во Франција

Дожд од златници падна од таван врз ѕидари во Франција
Група градежни работници, кои реновирале објект во едно лозје во регионот Шампањ во Франција, буквално ги зафатил „дожд од златници“, кои паднале од таванот на старата куќа.

Од таванот на куќата во Ле Риса, село познато по розе шампањот, паднале 497 златници, во апоени од тогашни 20 американски долари.

Сега ова богатство, исковано меѓу 1851 и 1928 година, вреди 980.000 долари и е еквивалент на 17 килограми злато.

Објектот, кој некогаш служел за сушење грозје, е во сопственост на производителот Франсоа Ланж, директор на фирмата „Александр Боне Шампањ“.

- Еден од работниците тргна на таванот со лост, кога врз него заврнаа златни пари, заедно со вреќи злато, рече Ланж, кој половина од златниците ќе им ги даде на работниците, а другата ќе ја задржи.

Ланж толку многу е воодушевен со ова откритие што можеби ќе му посвети и берба вино.

Како американските златници завршиле на таванот на куќата во Франција, засега е мистерија. Познато е, меѓутоа, дека објектот некогаш го поседувал производител на вино кој тргувал со Британците и Американците во 30-тите години од минатиот век.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.