вторник, 21 февруари 2012, 16:54
По дојава од македонската полиција, запленети 300 кг. марихуана во Италија
Наташа Гркова Петрушевска
Италијанската полиција заплени 300 килограми марихуана, којашто ја откри во македонски камион кој превезувал фероникел. Марихуаната е пронајдена кога камионот бил детално прегледан во пристаништето Бари.
Уапсен е возачот, кој е македонски државјанин од Тетово. За пратката македонската полиција и дојавила на италијанската. Операцијата се водела под името Калабрија. Реализирана е заедно со македонската, албанската и со италијанската полиција. Дрогата потекнува од Албанија, а преку Македонија требало да стигне до западноевропските земји.
Цената на западниот нарко пазар за оваа заплена е над 900 илјади евра. Трите полиции продолжуваат со акцијата. Се утврдува идентитетот и на другите инволвирани во оваа пратка. Уапсениот тетовчанец и е добро познат на македонската полиција.
Пресекувањето на меѓународните канали за наркотици успешно се реализира исклучиво со добрата соработка на полициите од регионот, но и пошироко. Доказ за тоа се и низата спроведени акции по името БОСФОР на македонско – турската полиција каде што досега се запленети околу 370 килограми хероин.
Македонската полиција се покажа како добар партнер и со австриската и со германската полиција.