понеделник, 20 февруари 2012, 15:57
Велија: Ме осудија уште пред да почне процесот
Мартин Пушевски
Ме осудија уште пред да почне судењето. Процесот има политичка заднина и беше начин власта да се пресмета со критички настроените медиуми. За ова беше потребно нас да не прогласи за криминалци и да не стави во затвор. Ова беа завршните зборови на првообвинетиот во процесот “Пајажина”, Велија Рамковски.
Неговoто излагање траеше 15-тина минути. Пред Судот, поединечно зборуваше и за другите обвинети. Смета дека во постапката за ниту еден од нив не се докажала вината. За себе рече дека 40 години е искусен бизнисмен, кој не се занимавал со незаконски дејствија.
Пред Велија, неколку часа зборуваше неговиот адвокат Дончо Наков. Побара Судот да донесе ослободителна пресуда. Тврдеше дека обвинението било проширено и изменето, и дека на обвинетите не им била дадена можност по ова да ја дадат својата одбрана, со што им биле прекршени правата. И тој имаше забелешки на изведените докази: биле на латиница, незаконито прибавени, во фотокопија, што оставало простор некој да ги измени.
Се сомневал во законитото водење на постапката и затоа, како што рече, за прв пат во неговата кариера, побарал изземање на Советот. За посебните истражни мерки додаде дека биле презентирани селективно. На видеоснимките обвинетите биле прикажани како одат на риба или кога се со своите деца. Наков смета дека немале фер судење. За притворите веќе се жалеле во Судот во Стразбур.
Рамковски и останатите обвинети во случајот се товарат за повеќе тешки кривични дела: затајување данок, перење пари, злосторничко здружување. Случајот е пред завршница. Во наредните денови и другите обвинети ќе ги дадат завршните зборови. Следниот месец истекува законскиот рок за притворска казна од една година. Дотогаш најверојатно ќе има и пресуда. Ако Судот го прогласи Велија виновен за сите кривични дела, можно е тој да заработи казна затвор и до 15 години.
Објавено на 21.02.2012, од prilep
se e laga
surgun 101 godina bez pravo na zalba