вторник, 18 октомври 2011, 15:28
ИКТ Конференција на земјите од ЈИЕ во организација на МАСИТ
Иновациите во информациско комуникациската технологија и Cloud сервисите се тема на ИКТ Конференцијата на земјите од Југоисточна Европа што денеска се одржува во Скопје во организација на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии - МАСИТ.
На конференцијата насловена „9-та СЕЕИТА & 8-ми МАСИТ Отворени денови“ присуствуваат 180 учесници и претставници на повеќе од 15 земји. Настанот е место каде учесниците можат да добијат пристап до информации од највисок ранг од ИКТ лидерите во регионот.
Конференцијата претставува собир на сите ИКТ чинители од регионот и прилика да се разменат искуствата, да се зајакнат регионалните бизнис врски помеѓу ИКТ компаниите, како и да се разменат информации за моменталните случувања и проблеми во ИКТ индустријата. Нејзината програма е поделена на четири сесии: Cloud сервиси, Извоз на софтвер и ИТ услуги на ниво на регионот на Југоисточна Европа, Регионална тркалезна маса за иновации во ИКТ Креирање на Иновациски центри, и Состанок на ЈИЕ ИКТ Форум.
Претседателот на МАСИТ Игор Бимбилоски истакна дека развојот на информатичко комуникациските технологии во Македонија е заедничка цел на МАСИТ и на Владата.
- Развојот на информатичко комуникациските технологии ќе придонесе не само за развој на ИКТ индустријата, туку и за општиот развој на економијата во Македонија, како и за зголемување на нејзината конкурентност и настап на други пазари, изјави Бимбилоски.
Тој посочи дека денеска на конференцијата ќе стане збор и за формирањето центар за иновации во Македонија, иницијатива покрената пред неколку години. Центарот, истакна, треба да соработува со 11 регионални центри чии претставници се гости на конференцијата.
- Македонија во делот на ИКТ е конкурентна и Владата ја идентификува оваа индустрија како една од четирите кои први ќе бидат промовирани надвор од границите на земјава, рече Бимбилоски.
Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, кој заедно со министерот за образование и наука Панче Кралев ја отвори конференцијата нагласи дека Интернетот ги отстрани географските бариери со што се отворени перспективите за развој на ИКТ индустријата.
- Преку секојдневниот дијалог со бизнис секторот се обидуваме да направиме позитивна бизнис клима во Македонија во која македонските компании ќе можат да развијат ИКТ решенија кои ќе ги освојуваат и пазарите во странство. Токму преку ИКТ индустријата и развојот на софтверот ќе можеме да го покачиме БДП на Македонија, а со тоа животниот стандард на граѓаните ќе биде многу подобар, изјави Ивановски.
Министерот Кралев на конференцијата порача дека Министерството за образование и наука се залага младите да бидат образовани согласно современите трендови и со здобиените вештини да бидат работоспособни и посакувани на пазарот на трудот.
- Го воведовме предметот „Бизнис и претприемништво“ како задолжителен предмет во четврта година во сите средни училишта со што Македонија значително се искачи на скалата за понуда на формално претприемничко образование во однос на останатите земји од регионот, рече Кралев и додаде дека на тој начин се обидуваат иновативното размислување и претприемничкиот менталитет да им го всадат на младите преку образованието.
Генералниот директор на Македонски телеком Даниел Сас истакна дека ИКТ индустријата е многу важна и претставува двигател на општеството и економијата.
- ИКТ секторот има круцијално значење за вкупниот развој на Македонија. Денешната конференција претставува можност за создавање партенрство на сите нивоа, како за малите, така и за големите компании, рече Сас.
Претседавачот на World Summit Award Петер Брук конференицјата на МАСИТ ја оцени како многу важна за давањето поттик на индустријата за пронаоѓање на најдобрите практитки.
- Македонија во изминатие години вложи многу во развојот на ИКТ инфраструктурата и мрежите. Многу луѓе сега носат „паметни телефони“ и имаат компјутери дома и на работа. Прашањето за во иднина е дали во Македонија ќе се развие некоја апликација и дали тоа ќе предизвика развој на индустријата и отворање на нови работни места, изјави Брук.