среда, 06 јули 2011, 13:15
Дојран ќе стане првиот производен центар за маслиново масло
Фирмата „КМ компани“ од Нов Дојран започна со подготовките за садење нови 12.900 садници од новиот вид на маслинки наменети за производство на маслиново масло.
Веќе се пуштени огласите за потребите од нова работна сила која е неопходна во оформувањето на плантажите на маслиновите дрвја како извор на суровина, кои ќе бидат застапени на површина од 60 хектари.
- Со новиот проект планираме производство на околу 300 тони маслинов зејтин, кое покрај на домашниот ќе биде наменет и за странските пазари, вели Киро Киров, сопственик на компанијата „КМ“.
Киров е магистер по агрономија и негово стручно дело е создавањето на новата сорта наречена „марсела“ наменета за производство на маслиново масло, што е резултат на стручниот труд во соработка со д-р Борис Ристовски од Катедрата по овоштарство при Земјоделскиот Факултет во Скопје и Евангелос Свакиотакис од Катедрата за маслинки при грчкиот Факултет „Аристотел“.
Целиот проект чини околу 850.000 евра, од кои 50 одсто е за набавка на нова опрема за производна обработка на маслинките.
Проектниот план е веќе доставен и до Европските финансиски институции за подршка на руралниот развој, за што деловниот тим на „КМ“ очекува соодветна поддршка преку ИПАРД програмата на Европската Унија.
- Планираме овој проект да прерасне во локално партнерство помеѓу јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор кои доколку ги следат поволните услови за одгледување на маслинката во Гевгелиско-Валандовската Котлина, каде припаѓа и Дојран, можат да се создадат кооперантски односи со индивидуалните одгледувачи и годишна обработка на близу 600 тони маслинов зејтин, ги објаснува долгорочните планови Киров.
Со тоа наместо сегашните 40 нови вработувања, потребните уште 60 во сезоната на бербата, со локалното партнерство ќе бидат овозможени и семејни бизниси и дополнителни приходи за локалните жители.
Својот нов инвестициски влог компанијата „КМ“ веќе го трасира на теренот, и со тоа ги зацврстува темелите Дојран да стане првиот производен центар за маслиново масло во Македонија.