вторник, 21 јуни 2011, 23:59
Коњаникот го зазеде своето место – за навек во срцето на Македонија
Никола Крстиќ
Со овации, аплауз, па дури и спонтано живо интерпретирање на македонската химна дочекано поставувањето на најграндиозниот споменик во Македонија кој го зазеде централното место на плоштадот. На прозорците и терасите преполно, а околу фонтаната повеќе од илјада граѓани со фотоапарати, видеокамери, мобилни телефони. Од рано утро чекаа за да го посведочат и овековечат моментот кога Воинот ќе се извиши на постаментот – фонтана. Велат, ваквиот историски чин не смееше да се пропушти.
-Јас чекам од рано, веќе три часа, морав да го видам ова.
-Дојдов околу 10, ќе чекам колку што треба – велат граѓаните.
Плоштадот, а и Скопје засекогаш добија нова визура откако 300 тонскиот кран го заврши своето и споменикот застана во конечната позиција, свртен кон Вардар и Камениот Мост, но и кон Исток, кон каде што секогаш бил вперен погледот на Александар Македонски при неговите освојувачки походи.
Воодушевување кај граѓаните кои возбудено коментираа - за навек во срцето на Македонија, вечно ќе сведочи за нашата големина и истрајност како народ.
-Со векови да остане овде, да биде симбол на Скопје.
-Се гордеам што сум Македонка, ова одамна требаше да се направи – велат граѓаните.
Позитивни коментари и од странските туристи.
-Голем е, навистина е убав, мислам дека може да биде значајна знаменитост на ова место – велат туристите.
Интерес и кај странските новинари, екипите растрчани околу споменикот, а целиот процес на поставување под будното око на авторката – академската вајарка Валентина Стевановска.
„Многу сум возбудена, среќна и многу ми е драго што еве сега по три години работа можам да го видам овде на плоштадот, а уште посреќна сум дека има голема посетеност и дека на сите им се допаѓа. Инаку фонтаната заедно со коњаничката скулптура ќе претставува една целина заедно со повеќе придружни фигури, ќе има осум војници, и осум лава. Меѓутоа повеќе ќе ви раскажам за фонтаната откако ќе биде поставена. Верувам дека ова дело ќе остане во трајно наследство во културната историја на Македонија”, вели Валентина Стевановска, академски скулптор и автор на споменикот и на фонтаната.
Од Фиренца, од леарницата Фернандо Маринели споменикот пристигна во делови во шест шлепери. Составувањето и конечното полирање траеше една недела. Самиот коњаник е тежок 30 тони, висок 13 метри. Целиот споменичен комплекс се извишува 28 метри над централниот дел од плоштадот Македонија. Извадени од кутиите се и четирите лава што ќе се постават на надворешната страна на фонтаната, а осумте воини што треба да бидат во внатрешниот дел сé уште се спакувани. Почната е работата и на фонтаната, долниот дел е веќе обложен со мермер, а во горниот се монтираат украсните елементи. Сите градежни работи околу фонтаната и споменикот се очекува да бидат завршени до 8 септември – 20 годишнината од независноста да биде крунисана со официјално пуштање во употреба на целиот комплекс.