понеделник, 20 јуни 2011, 13:47
Центарот за техничка поддршка на компјутерите во основното образование...
Центарот за техничка поддршка за компјутерите во основното образование со кој раководеше Проектот на УСАИД за основно образование (PEP) од денеска преминува во надлежност на Министерството за информатичко општество и администрација.
Станува збор за портал кој помага при решавањето на техничките проблеми со кои се соочуваат наставниците во користењето на хардверот во нивните училишта.
За таа цел во просториите на Канцеларијата на УСАИД во Скопје беше потпишан Меморандум за пренесување на надлежностите од страна на министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и директорот на Проектот на УСАИД за основно образование Небојша Мојсоски.
- Со овој центар кој денеска го преземаме, а е направен со висок квалитет и професионалност, ќе можеме во секој момент да ги следиме проблемите коишто ги имаат наставниците, односно училиштата со компјутерската опрема. Со овој центар може да се најдат најчесто поставуваните прашања и проблеми со кои се соочуваат училиштата и врз основа на анализите што ќе ги добиваме од него ќе може да ги креираме новите политики и стратегии за модернизација и инвестирање во образованието, рече министерот Ивановски по потпишувањето на меморандумот.
Во однос на изработката на електронските содржини на наставни предмети, Ивановски информира дека е изработена стратегија во која точно е наведено секоја година кои предмети ќе бидат направени во електронска форма.
- Македонија е една од лидерите во регионот која има толку многу инвестирано во образованието. Но, нема да застанеме тука. Ќе продолжиме да инвестираме и за кратко време заедно со Министерството за образование и наука ќе бидат распишани и јавните повици за изработка на електронски содржини по географија, математика, англиски јазик, македонски јазик...., рече Ивановски.
Според директорот на Проектот на УСАИД за основно образование, бројката од над 90 илјади посетители досега на кол центарот покажува дека е направен вистинскиот чекор.
Кол центарот е основан во октомври 2010 година. Дневно се регистрираат околу 20 нови посетители.