Rss feed

Свет

среда, 22 февруари 2012, 14:38

„Антикапиталистичките“ демонстранти ќе мора да ја прекинат блокадата

„Антикапиталистичките“ демонстранти ќе мора да ја прекинат блокадата
„Антикапиталистичките“ демонстранти од групата „Окупирајте го Лондон“ ќе мора самите да го растурат нелегално подигнатиот камп од шатори во лондонскиот финансиски центар Сити и да ја отстранат блокадата пред катедралната црква Сент Пол, откако Вишиот суд денеска ја отфрли нивната жалба, јави дописникот на МИА од Лондон.

Адокатот на оваа група, која себе си се прикажува како заштитник на масите од „неправедниот финансиски систем“, поднесе жалба на одлуката на општинските власти, за насилно уривање на „дивиот“ камп, затоа што тој го попречува движењето на луѓето и е бесправно подигнат.

Демонстрантите и нивниот адвокат тврдат дека протестот е „легален“ и сосема „оправда“, но судскиот совет составен од тројца судии не ги прифати нивните аргументи.

„Окупирајте го Лондон“ го зазедоа просторот пред црквата, која е еден од симболите на британскиот главен град, уште на 15 октомври минатата година, како дел од „глобалниот протест“ против неправедниот финансиски и банкарски систем во светот и против алчноста на банките и банкарите.

Сите други такви протести низ светот се одамна завршени, но остана само лондонскиот, откако ја доби поддршката на управата на црквата Сент Пол и на надбискупот на Англиканската црква, кој изрази „разбирање“ за незадоволството на демонстрантите.

Шаторската населба од градските власти беше посочувана како место на „неморал и на пијанчење“, но наместо насилна акција, се поведе правна битка за елиминирање на населбата која пет месеци го наградуваше просторот околу црквата.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.