среда, 22 февруари 2012, 12:11
„Раша тудеј“: Речиси 10 илјади Либијци се подготвуваат за упад во Сирија
Околу 10.000 вооружени Либијци наводно се обучуваат на тајна локација во Јордан за да упаднат во Сирија и да се борат на страната на опозицијата која бара заминување од власт на претседателот Башар ал Асад, објави Раша тудеј.
Повикувајќи се на јорданскиот сајт Ал Баваба њуз, руската телевизија пренесе дека голем број луѓе се подготвуваат за упад во Сирија и тие се од либиската опозиција која се бореше за симнувањето од власт на Моамер Гадафи.
Сајтот наведува дека Либијците наводно примаат месечна плата од околу илјада долари, и се финансирани од Саудиска Арабија и катар. Тие тврдења засега не се официјални, но сајтот наведува дека Ријад и Доха активно ја поддржуваат сириската опозиција.
Истовремено, повеќе ирански медиуми јавија дека 50 турски офицери, уапсени во Сирија минатата недела признале дека ги обучувале припадници на израелски специјални сили за да извршат бунт против сириската Влада.
Медиумите јавуваат дека во заговорот против сириските власти се вклучени Јордан, Саудиска Арабија, Катар, Либија, Турција и Израел и оти во прилог на тоа е и соопштението на руското МНР дека агенти на британската МИ-6 се на сириско тло.
Понатаму се наведува дека уште од ноември специјални единици од неколку странски држави ја обучуваат сириската опозиција. Телевизијата пренесува дека и француски и турски медиуми јавиле за турски и француски разузнавачи кои се во кампови во Триполи, на југ во Турција и на север во Либан и вршат обука за опозициската Слободна сириска армија на урбани и герилски техники. РТ пренесе дека сириската Влада е соочена и со упади на џихадисти од соседен Ирак кои шверцуваат оружје преку границата за поддршка на сириската опозиција.