петок, 03 февруари 2012, 18:59
Полскиот премиер го запре ратификувањето на АКТА по масовните протести
Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека времено го запира процесот на ратификација на меѓународниот договор за заштита на авторските права, против кој во Полска имаше масовни протести и напади на владини Интернет страници.
Туск изјави дека прашањето прво треба да биде поставено на пошироко разгледување, во кое ќе учествуваат корисниците на Интернет и службата за заштита на личните податоци.
Полската Влада на крајот на минатиот месец го потпиша Трговскиот договор за борба против фалсификување АКТА (Anti-Counterfeiting Trade Agreement - АСТА), но претстои тоа да биде одобрено од Парламентот.
Туск рече дека Парламентот може и да не го стори тоа, ако е во спротивност со полските закони.
САД, Јапонија и други земји кои го потпишаа договорот, велат дека тоа е неопходно за борба против трговијата со материјали добиени по „пиратски пат“.
Полска е единствената земја во која имаше многу силен отпор против договорот. Противниците на АКТА велат дека тоа ќе ја ограничи слободата на говорот на Интернет и ќе овозможи он лајн контрола.