петок, 03 февруари 2012, 16:03
ОН објави крај на гладта во Сомалија по одличната реколта
ОН денеска официјално објави крај на гладта, која зафати повеќе делови на Сомалија минатата година, предупредувајќи дека земјата се уште се соочува со сериозни проблеми.
- Долго очекуваните дождови, проследени со значителен земјоделски род и хуманитарната помош во последните шест месеци, се главните причини за подобрување на ситуацијата, изјави во Најроби генералниот директор на Организацијата на ОН за храна и земјоделство (ФАО) Жозе Грациану да Силва по посетата на јужна Сомалија.
Според податоци на организацијата сишата, војната и недостигот на храна однеле десетици илјади жртви.
Според извештајот на ФАО и Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) бројот на луѓето кои имаат потреба од специјална хуманитарна помош се намалил од четири милиони на 2,34 милиони, или 31 процент од сомалиското население.
Одличната реколта и испораката на семиња во периодот на дожд меѓу октомври и декември придонесоа за подобрување на ситуацијата, но според Грациану кризата се уште не е целосно надмината.
ОН прогласи критична состојба поради глад во шест од осумте области во јужна и централна Сомалија во јули минатата година.