Rss feed

Свет

петок, 03 февруари 2012, 15:46

Филип Хамонд: Престојот на принц Вилијам на Фокландите „не е провокација“

Филип Хамонд: Престојот на принц Вилијам на Фокландите „не е провокација“
Британскиот министер за одбрана Филип Хамонд изјави денеска дека престојот на принцот Вилијам на Фокландските Острови како пилот на хеликоптер на Кралското воено воздухопловство (РАФ), „не е провокација насочена против Аргентина“, јави дописникот на МИА од Лондон.

Во изјава за британските медиуми, Хамонд рече дека станува збор за рутинско префрлање на младиот принц кое е ограничено на неколку недели и се однесува на неговата работа како полот во единицата за потрага и спасување на исчезнати лица.

Како припадник на оваа единица на РАФ, принцот Вилијам досега има учествувано во повеќе цивилни операции на британската територија, во трагање, наоѓање и спасување на луѓе во тешко достапни реони, или на море.

Според Хамонд, престојот на Вилијам на Фокландите не би требало да ги распалува тензиите меѓу Аргентина и Велика Британија, околу суверенитетот на Островите што се повеќе од 180 години под британска контрола, а Аргентинците тврдат дека се дел од нивната територија.

Вилијам е обучен за хуманитарни мисии на британското кралско воено воздухопловство (РАФ) и во тоа својство тој престојува на Фокландите. Во текот на својот претстој во тој дел од Јужниот Атлантик, принцот-пилот ќе учествува во програмата вежби за спасување на исчезнати, што се спроведува во сите британски воени бази.

По војната во 1982 година, меѓу Аргентина и Велика Британија, Британците откако ја повратија контролата врз островите, таму изградија своја воено-поморска база, што порано не постоеше.

Откако нараснаа тензиите, по обновувањето на спорот за суверенитетот на островите, а Аргентина почна да се заканува дека ќе ги приклуци кон „матичната земја“, британската морнарица го испрати во водите околу Фокландите, својот најмоќен и најсофистициран разурнувач.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.