Rss feed

Свет

петок, 03 февруари 2012, 15:38

Можно е сајтот Викиликс да се сокрие во самопрогласеното кнежество Силенд

Можно е сајтот Викиликс да се сокрие во самопрогласеното кнежество Силенд
Финансиските поддржувачи на сајтот за објавување доверливи информации Викиликс на Џулиан Асанж размислуваат да ги преместат неговите сервери под носот на Велика Британија, на платформа што датира од Втората светска војна и е самопрогласена држава, наречена Силенд, пишува весникот „Стампа“.

Силенд се наоѓа на околу 10 километри растојание од брегот на англиското графотство Есекс. Никој ја нема признато независноста на самопрогласената држава, која се простира на површина од 500 квадратни метри на врвот од металната платформа, забиена во Северно море.

На чело на Силенд е Пади Рој Бејтс, кој денеска треба да има 90 години. Тој е поранешен мајор на британската кралска армија, кој почнува во 60-тите години од минатиот век да се занимава со бизнис. Брзо станува милијардер и го основа пиратското радио, чија централа е на британската воена платформа, изградена во текот на 1943 година од британските кралски военопоморски сили. Оттаму тие ги набљудувале евентуалните напади на германските воени авиони.

Платформата потоа била напуштена и таму се населил Пади Рој Бејтс со својата сопруга Џоан и нивните две деца Пени и Мајкл. По затворањето на неговото пиратско радио, на 2 септември 1967 година, Пади Рој Бејтс го прогласува кнежеството Силенд. Тој станува негов владетел и почнува упорно да го брани.

Следната година тој отвора оган врз англиски граничен чамец. Пукањето ќе го одведе пред суд во Есекс, но таму судијата по предметот случајот го прогласува за надвор од компетенциите на судот, затоа што во тоа време Силенд бил надвор од официјалните предели на британските териториални води.

Пади Рој Бејтс веднаш го употребил тоа судско решение како признание за независноста на неговото кнежество.

Во 1987 година Англичаните ги прошируваат своите териториални води, но Пади Рој Бејтс и натаму тврди дека Силенд е надвор од нив, повикувајќи се на судската одлука од Екекс.

Во текот на годините Пади Рој Бејтс почнува да се нарекува Рој Први. Тој дури се справи и со обид за државен преврат во кој учествуваат холандски наемници ангажирани од германски бизнисмен.

Во текот на 90-те години Силенд е вмешана во афера со незаконски пасоши. Се смета дека 150.000 пасоши, што го носат грбот на оваа псевдодржава, се продадени по багателни цени низ светот. Еден од нив е најден кај Андрју Кананан, убиецот на Џани Версаче. Други пасоши се појавуваат за време на истрагата против криминалните мрежи од Словенија до Шпанија.

Силенд денеска е раководена од синот на Рој Први -Мајкл.

Самиот Рој Први и неговата сопруга живеат главно во Шпанија или во Есекс.

Во Силенд живеат денеска само 27 лица, издадени се и четири одобренија за престој. Силенд има своја валута, наречена силендски долар. Доходот по глава на население изнесува 22.000 американски долари, а БДП е 600.000 американски долари.

Силенд спонзорира дански фудбалски клуб и испраќа свои натпреварувачи на спортски настани во странство.

Сите пари за Силенд доаѓаат од бизнисот на империјата Хејвен Ко (Хавен Цо). Станува збор за правно и даночно убежиште за фирмите, што работат на Интернет. Во пракса тоа значи дека секој кој плаќа голема месечна сума може да најми сервер на Силенд и да го искористи за најразлични операции - од ширење на педофилска порнографија до испраќање спамови или до извршување хакерски напади.

Имено, ова го зголеми интересот на финансиските поддржувачи на Викиликс.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.