Rss feed

Сервисни Информации

понеделник, 20 февруари 2012, 12:04

Во Охрид со низа активности ќе се одбележува Неделата на срцево-садови заболувања

Со цел подигање на нивото на свеста кај населението, особено кај младата популација за опасностите од срцево-садовите заболувања и мозочните удари, како и за знаењето на здравиот начин на живеење за здраво срце, Општинската организација на Црвениот крст од Охрид од утре се до в недела, 28 февруари ќе ја одбележува „Неделата на срцево-садови заболувања“ што годинава ќе се спроведува под мотото „Намалете го стресот и сочувајте го срцето“.

Посебен акцент во активностите ќе биде ставен на вештината на укажување прва помош како безбедносна мерка при срцев напад и мозочен удар.

Во текот на Неделата на срцево-садови заболувања ќе бидат реализирани повеќе активности, меѓу кои типизирани едукативни предавања во основните и средните училишта, јавно предавање за ризик-факторите за болестите на срцето и крцвните садови и презентација на техники за укажување прва помош при срцев напад и мозочен удар, со реализација на предавање на истата тема за членовите на Здружението на пензионери во општините Охрид и Дебрца. Седмицата посветена на срцево-садовите заболувања ќе биде заокружена в недела, со организирано пешачења до селото Велестово и бесплатни здравствени прегледи за учесниците на маршот во Домот на Црвен крст во селото.

Според статистиката, срцево-садовите заболувања се водечка причина за смртноста во светот.

Податоците на Светската здравствена организација укажуваат дека годишно во светот како последица на болестите на циркулаторниот систем умираат околу 17,1 милиони луѓе. Околу 50 проценти од смртните случаи во Европа се резултат на заболувања токму на циркулаторниот систем. Загрижувачки е податокот дека се поголем е бројот лица кои заболуваат од тој вид болести, а се на старосна возраст под 65 години. Став на експертите е дека доколку не се преземат соодветни мерки, во периодот до 2030 години бројот на смртни случаи предизвикани од срцево-садови заболувања на светско ниво ќе достигне до 23,6 милиони.

Статистичките податоци покажуваат дека и кај нас срцево-садовите заболувања се водечка причина за смрт и тоа како по градовите, така и на национално ниво.

Како водечки причини за болестите на срцето и мозочните удари се посочуваат дебелината, неправилната исхрана, пушењето и физичката неактивност. Нездравите животни навики и животен стил се се почести кај младата популација дури и меѓу децата и адолесцентите. Експертите сметаат дека токму тоа е периодот кога со навремени и соодветни постапки може да се насочи развојот на детето во зрела личност, одговорна за своето здравје, здравите животни стилови и намалување на факторита на ризик на најмала можна мерка.



 

РУБРИКА Поврзани вести

Моментално нема вести кои се поврзани со оваа вест.


МРТ © 2010 - Сите права се задржани.