недела, 19 февруари 2012, 16:50
Преку граничниот премин Богородица лани извезени над 1,7 милиони килограми шумски плодови од јужниот регион
Преку граничниот премин Богородица лани се извезени над 1,7 милиони килограми шумски плодови од поднебјето на Кожув и околниот јужен планински регион или речиси исто како во 2010 година.
Според Државниот инспекторат за земјоделство, најголем дел од извезените количини отпаѓа на лековитите билки, 980,5 тони, а најголема била побарувачката на шипките од кои на странските пазари се пласирани 241,5 тони наспроти извезените 154,3 тони во 2010.
Во извозниот биланс учествуваат и 226 тони смрека со извозен пораст од 7,7 одсто, 171 тон маховина, 71 тон лишај, 11 тони планински чај, мајчина душичка, камилица и мешано шумско овошје. Ова го покажува, велат од Инспекторатот, растечкиот тренд на користењето на природните плодови за потребите на фармацевстката, козметичката и прехранбената индустрија во државата така и во странство. Тоа, пак, го зголеми интересот на собирачите на шумски плодови кои, вклучувајќи ги податоците за домашниот откуп, собрале повеќе од два милиона килограми корисни плодови од регионот.
Најголеми увозници на шумски плодови од македонското поднебје во континуитет се Германија, Франција, Бугарија, Италија, Хрватска и Кипар. Секоја извозна или увозна пратка подлежи на редовна контрола за исправноста и квалитетот, а ја вршат стручни лица од Фитосанитарната станица што работи во состав на Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство лоцирана на ГП Богородица.