недела, 19 февруари 2012, 12:39
Патот до Ски центарот Кожуф се уште непрооден, штетата од неискористеноста на капацитетите голема
Патот до Ски центарот Кожуф, поради снежните врнежи, се уште е непрооден, поради што Центарот не работи веќе 36 дена. Иако сите скијачки патеки се идеално подготвени, туристите во догледно време не ќе можат да ги користат, информира денеска извршниот директор на Кожуф, Ангел Наков.
Според него, Ски центарот досега претрпе загуба од најмалку 800.000 евра и доколку оваа состојба продолжи и наредниот период, загубата, како што вели, ќе надмине над 1.000.000 евра.
- Ски центар Кожуф располага со ратраци и друг вид механизација која не е погодна за чистење на регионалниот пат, а за жал и Македонија пат не е опремена со ваков вид механизација, рече Наков, додавајќи дека оваа сезона треба да претставува сериозна поука за наредната година да не се повторат истите состојби бидејќи финансиските штети би биле огромни.
Од вчера Центарот е и без напојување со електрична енергија поради дефект на далноводот од Гевгелија кон Смрдлива Вода.
АД Ски центар Кожуф ги прави сите напори да не се нанесе поголема штета на опремата и објектите, но без професионален ангажман на надлежните компании кои се задолжени за одржување на патната инфраструктура и снабдувањето со електрична енергија не е возможна контрола на целокупната состојба, истакнуваат од Центарот чие седиште е во Кавадарци.