сабота, 18 февруари 2012, 17:00
Во Гостивар дебата за проблемите и нивните приоритите
Средношколци, студенти, активисти во невладиниот сектор од Гостивар дебатираа за проблемите и приоритети на младите. Дебатата, која е дел од иницијативата за одбрана на младинското учество која низ Македонија заеднички ја спроведуваат педесетина НВО-а, се одржа салата на гостиварскиот општински совет.
Според Неда Коруновска од организацијата спроведувач "Реактор истражување во акција" целта е младите да се поттикнат да ја практикуваат демократијата и самостојно да одлучуваат за своите потреби. За да се дојде до конкретни резултати претходно биле извршени две истражувања.
Истражувањата покажаа дека висок процент од младите не се заинтересирани да учествуваат во проекти од јавен интерес и не преземаат иницијативи. Во кругот на семејството и со врсниците разговараат на таква тема, но во училиште немаат никакви подготовки за граѓански ангажман, рече Коруновска.
Дел од дискусиите и предлозите на учесниците искажани на дебатата ќе бидат внесени во студија или "Бела книга за поддршка на младите во Македонија". Со овој циклус дебати предвидено е да се опфатат 18 градови низ земјава.