среда, 22 февруари 2012, 18:53
Собранието не ги усвои измените на Законот за данокот на додадена вредност
Собранието на Република Македонија попладнево не ги поддржа измените на Законот за данок на додадена вредност поднесен од пратеникот Изет Зеќири, во рамки на 23. седница.
Во рамки на расправата пратениците од парламентарното мнозинство останаа на оценките дека предложеното законско решение не е прифатливо, оти е популистичка и оти со него нема да се постигне поголема ликвидност на компаниите. Опозицијата, пак, со став дека предлогот на Зеќири е прифатлив и со него во моментот може да се релаксира неликвидноста на македонското стопанство.
Според Оливер Спасовски од опозициската СДСМ законското решение е прифатливо особено за јавните претпријатија кои имаат проблем со ниската наплата од страна на корисниците на услугите.
Реплицираше Ѓорги Коџабашиев од ВМРО-ДПМНЕ кој забележа оти предложениот закон не е поткрепен со анализа за тоа какви последици ќе има врз буџетот, како и дека бара измена само во еден член, членот 31. - Станува збор за комплексен закон кој успешно функционира повеќе од 10 години и за каква било интервенција во овој член не може да стане збор без измени во други одредби од законот. Ако се прифати ова законско решение, кое не е издржано, ќе повлече корекции и во повеќе други одредби од законот, рече Коџовалиев.
Игор Ивановски од СДСМ смета дека овој предлог нема да направи фискални пореметувања, туку ќе ја динамзиира економијата, а клучниот проблем е задолженоста на државата која според него, се уште не извршила поврат на ДДВ на фирмите за 2011 година.
- УЈП востави систем не на фискална дисциплина туку систем на фискален страв. Фирмите дури и избегнуваат да побараат поврат на ДДВ на своја штета за да не им чукне на врата инспекцијата, вели Ивановски.
Според Борис Стоименов со овој закон се предлага систем кој треба да реши тековни проблеми, но може да ја банкротира државата.
- Предлагате нешто кое е демагогија. Да предлагате намалување на стапките е во ред и ќе му помогнеме на стопанството, но вие предлагате да го одложиме долгот на реалниот сектор кон државата, рече Стоименов што вели е штетно за државата.
Предложениот закон, како што претходно образложи Зеќири, е еден вид антикризна мерка и тој е во насока да се создаде можност за ублажување на проблемот со неликвидноста на фирмите. Се предлага измена на член 31 од законот, односно данокот да се плаќа во моментот на наплата на барањето од страна на должникот. Законот не треба да предизвика финансиски импликации врз Буџетот на Република Македонија.
Пратениците ја почнаа дебатата по предлог законот за измените на Законот за трансформација на Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор на Република Македонија, поднесен од Ивон Величковски од Либералната партија. На дневниот ред е и дополнувањето на Законот за празниците, предложен од пратеничката група на ДПА.