среда, 22 февруари 2012, 13:41
Одложен стартот на судењето за убиството во ГУЦ – судијата не дојде
Анита Димитријевска
Одложен стартот на судењето за убиството во Средното градежно училиште. Судијата, претседател на судечкиот совет, не се појави во судницата. Рочиштето е одложено за 18 април, за кога се очекува тројцата осомничени да ја дадат одбраната. Адвокатот го оцени инцидентот како несреќен случај, семејството правдата ќе ја бара до крај.
Дали 19-годишниот Петар ќе одговара за убиство ќе се знае во април, за кога е закажано следното рочиште. Судијата не дојде, па се одложи денешниот прв распит на кој адвокатот на семејството Јашари требаше да се произнесе околу кривичната преквалификацијата на делото. Според обвинителството, Петар е виновен за нанесување тешки телесни повреди со смртни последици. Семејството на убиениот Муамед Али Јашари бара да одговара за убиство од користољубие. Освен Петар, во инцидентот се инволвирани и неговите двајца другари, кои се товарат за загрозување со опасно орудие при тепачка. Едно момче е ослободено од обвинение поради немање докази.
- Сите тројца не се на слобода. Двајца се, еден е во притвор во Битола. Ние ќе одиме до крај за да го решиме случајот – изјави Џавиер Јашари, татко на убиениот Муамед.
Силен удар во градите со бекатон плоча е причина за смртта на Јашари од Кондово. Момчето претходно боледувало од срцева аномалија која се засилила по добиените удари. Дошло до шокова состојба и смртна последица.
- На настанот ништо не се случило, тепачка меѓу двајца другари, пријатели, познаници се степале. Со починатото момче немаат никаква врска – рече Јован Јоанидис, адвокат на обвинетиот Стефан Ангелов.
Истрагата покажа дека Јашари не бил целна точка на напаѓачите, туку негов другар од класот кој две недели претходно иницирал ситна расправија и тепачка со членови на осомничената група. Со цел да му се одмаздат, осомничените дошле во училиштето за да се пресметаат, а сведоците тврдеа дека Јашари настрадал сакајќи да го заштити својот соученик и дека не учествувал во тепачката.