среда, 22 февруари 2012, 11:32
Општина Центар започна со градежни активности на ул. „Максим Горки“
Општина Центар започнува градежните работи за изведба на нова улична мрежа на крак на улицата „Максим Горки“. Кракот ќе се протега од завршетокот на постојната улица Максим Горки, се до новата катна гаража кај МЕПСО. Изградбата на овој крак опфаќа комплетно нова фекална и атмосферска канализација, асфалтирање во должина од 254 метри, ширина од 7 метри и поплочување на пешачки патеки со павер елементи со ширина од 2 метри.
Градежните работи поврзани со асфалтирање на улицата ќе ги изведува градежната фирма “Гранит“, фекалната и атмосферската канализација е во изведба на “Беграмо“, а поплочување на пешачките патеки ќе го врши “Анизор“. По должина на целиот крак ќе биде изведено комплетно осветлување, а неговата изведба ќе ја врши “Елтра“.
„Задоволен сум што Општина Центар ќе добие уште една модерна улица во главното јадро. Станува збор за исклучително важна улица на која дневно поминуваат илјадници граѓани и туристи. На самата улица ќе направиме крак кој ќе им овозможи непречено движење на граѓаните. Исто така со оваа нова улична мрежа, покрај подобрување на функционалноста на улицата, ќе се направи и хортикултурно уредување на истата“ - изјави Владимир Тодоровиќ Градоначалник на Општина Центар.
Вкупната инвестиција ќе изнесува околу петнаесет милиони денари, средства одвоени од буџетот на Општина Центар.