среда, 20 јули 2011, 13:56
Втора годишна конференција на иселеничките организации
Учење и негување на македонскиот јазик преку говорење на јазикот во семејствата и зачувување на македонската култура од страна на иселеничките организации преку разни проекти се темите на кои денеска ќе биде дискутирано на втората годишна конференција на иселеничките организации во организација на Агенцијата за иселеништво на Република Македонија.
На денешниот дел од дводневната конференција ќе бидат промовирани и збирките поезии „Забранета љубов“ и „Украдени мисли“ од Душан Ристевски, поет иселеник од Македонија, издадени од Агенцијата за иселеништво.
Васка Чергоска, претседател на Здружението на македонското национално малцинство „Кирил и Методиј“ од Нови Сад, Србија потенцираше дека јазикот и културата се основа за зачувување на идентитетот на еден народ и преку разни манифестации постојано работеле на унапредување на состојбата.
- Сепак, ние сме задоволни од односот на Србија кон иселениците, бидејќи ни овозможува институционално работење, а во две општини македонскиот јазик е во службена употреба. На српска територија официјално има околу 26 илјади Македонци, но мислам дека бројката е поголема затоа што одреден број иселеници не чувствуваат потреба да се изјаснат како Македонци. Во октомври ќе се одржи пописот и ни претстои голема обврска да анимираме што поголем број Македонци да се изјаснат дека се од македонско потекло, бидејќи поголемата бројка ни дава поголеми ингеренции, додаде Чергоска.
Според Митрополитот европски отец Пимен, во Европа втората и третата генерација иселеници се активно вклучени во животот на црквата и постигнати се значителни резултати.
- Еден од најстабилните фактори за обединување на македонската дијаспора е токму црквата и верувам дека истото ќе се случи и во прекуокеанските земји каде има Македонци и конечно ќе се надминат сите недоразбирања и поделби, рече отец Пимен.
Пратеникот од Австралија во македонското Собрание Милорад Додевски истакна дека во Австралија е испратен економски промотор, а македонската Амбасада и конзулатот постојано работат на воспоставување врски и контакти со бизнисмени и деловни организации за да се постави подобра слика за инвестициските можности во Македонија.
- Има проблеми кои се поврзани со црковното прашање, но на духовен план сме единствени и сите веруваме во црквата, додаде Додевски.
Во текот на утрешниот ден ќе се дискутира за избирачкото право-искуства од гласањето на иселениците на предвремените парламентарни избори, значењето на државјанство на Република Македонија и пописите во земјите во кои живеат иселениците, како и за унапредување на врските со иселеничките организации.