Rss feed

Култура

среда, 22 февруари 2012, 14:36

Четиринаесетиот „Зимски салон“ на тема „Секспресија“ почнува на 6 март

„Секспресија“ е насловот на годинашниот 14. „Зимски салон“ на Друштвото на ликовните уметници, чие отворање е закажано за 6 март во 19 часот во Музејот на современата уметност.

Претседателката на ДЛУМ, Тања Балаќ денеска на прес-конференција рече дека се пристигнати околу 80 дела, селекцијата се уште трае и оти до крајот на денот ќе се знае колку дела ќе бидат селектирани.

Таа посочи дека изборот на темата е на уметничкиот совет, а уметниците на својот ликовен јазик ќе можат да проговорат за сексуалноста.

- Првпат ќе има мала дислокација на неколку проекти во ателјеата на ДЛУМ во Безистен во Старата скопска чаршија, како и во „Галерија 8“, рече Балаќ и додаде дека оваа практика ќе продолжи, и Салонот и во иднина ќе се распостила на повеќе локации во градот.

Таа потенцира дека манифестацијата прераснува во еден голем ликовен меѓународен бренд, најголем во земјата во оваа област и на неа ќе учествуваат гости од Австрија, Турција, Бугарија и Словенија, чии дела ќе бидат изложени во рамки на „Зимскиот салон“.

- Големата престижна награда Гран при ја доделува Министерството за култура. „Зимски салон“ ќе биде отворен со перформанс на познатиот македонски режисер Срѓан Јаниќиевиќ. Перформансот е со цел на настанот да му дадеме поголема видливост и звучност, но, секако, е важен како спој, синергија помеѓу ликовното, драмското, литературното, додаде Балаќ.

Куратор на овој салон е Австриецот Филип Маурер кој рече дека  се што се случува во светот е израз на сексуалноста.

- Со изложбава се обидуваме да најдеме ново изразување на сексуалноста. На интернет може да се најдат многу содржини за сексот, повеќе отколку во политиката, науката и уметноста заедно. Ова треба да биде забавно и ова е покана да се ужива, додаде Маурер.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.