среда, 22 февруари 2012, 11:55
Со „Маратонците го трчат почесниот круг“ прилепскиот Народен театар гостуваше во Гевгелија
Со најновата премиера „Маратонците го трчат почесниот круг“ на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ синоќа се отвори овогодинешната театарска сезона на новореновираниот Народен Театар во Гевгелија.
Умешната актерската игра исполнета со згодите, досетките и смислата на животот на семејството Топаловиќ на сцената во Гевгелија ја изведе комплетниот актерски состав: Петар Димоски, Димко Вандески, Трајче Иваноски, Најдо Тодески, Димитар Црцороски, Марија Спиркоска – Илијеска, Димитар Ѓорѓиевски, Зоран Иваноски, Цветанка Чавлеска.
Драматиката на настаните кои се редеа на сцена ја доловуваше музичката изведба на Гоце Кантарџиоски. „Се може да пропадне, само смртта е сигурна“ е бизнис мотото на семејството Топаловиќ, околу кој се одвива сценскиот заплет, составено од пет генерации потомци кои се занимават со погребни услуги, но пред да настапи смртта тука е љубовта која ќе ги размрски сметките на наследниците на семејниот бизнис.
Оригиналниот текст за делото е напишан пред четири децении со авторство на Душан Ковачевиќ, а пред публиката оживеа минатата година на сцената на Прилепскиот театар во режија на Кирил Петрески.
Со претставата „Маратаонците го трчат почесниот круг“ минатата недела овој театар ја одбележа 62 годишнината од своето постоење и активен сценски живот. Отворената театарската сезона во Народниот Театар во Гевгелија продолжува и следните месеци во соработка со националните театарски куќи од Македонија.