Rss feed

Култура

вторник, 21 февруари 2012, 16:04

Тринаесет македонски поети претставени во белградското списание „Књижевне новине“

Списанието за литература „Књижевне новине“ од Белград во првиот број во 2012-та и посветува голем простор на современата македонска поезија и објави песни и фотографии на 13 автори со различна поетика и од повеќе генерации.

Во гласилото, кое излегува од 1997, се застапени поетите Христо Петрески, Васил Тоциновски, Ранко Младеноски, Никола Алтиев, Радован П. Цветковски, Петко Шипинкаровски, Славчо Ковилоски, Васил Дрвошанов, Славе Ѓорго Димоски, Никола Маџиров, Јулијана Величковска, Иван Антоновски и Бистра Кумбароска.

- Наша желба и намера е оваа панорама на нашите читателите да им ја претстави богатата разновидност на стиловите и поетиката во македонската поезија денес. Оскудното време не ја осиромаши македонската поезија, која се преведува и предизвикува голем интерес во светот. За тоа придонесуваат и многубројните книжевни манифестации што постојат во Македонија а, пред се, светски познатиот и ценет фестивал Струшки вечери на поезијата, кој лани прослави 50-годишен јубилеј, пишува  српската поетеса  Душка Врховац во воведниот текст „Шеесет години современост“. Таа е  приредувач  на овој поетски избор, а лани  учествуваше на поетскиот фестивал во Струга.

Врховац истакнува дека соработката ќе продолжи со претставување на поезијата на српски автори преведена на македонски јазик во списанието „Современост“, кое минатата година одбележа 60 години постоење. За него Врховац вели дека е најстаро и најугледно во Македонија, со континуирано влијание врз културниот и книжевниот живот во земјата.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.