Rss feed

Култура

вторник, 21 февруари 2012, 11:05

Во Прилеп отворена едукативна работилница за изучување на српскиот јазик и култура

На пригодна свеченост синоќа во Прилеп во хотелот „Кристал Палас” беше означен почетокот на работењето на едукативната работилница за изучување на српскиот јазик и култура.

Иницијатор за работилницата е „Детската амбасада за сите деца во светот” со седиште во Прилеп. На свеченоста присуствуваше и амбасадорот на Република Србија во земјава, Томислав Ѓурин.

Работилницата „15-ти февруари” ќе работи во рамки на детскиот едукативен центар „4-ти јули” од Прилеп.

Според Дамјанчо Стојаноски, генерален секетар на „Детската амбасада за сите деца во светот” целта на проектот е сите деца членови на организацијата да може да се запознаат со српскиот јазик и култура преку достапна литература и воедно преку социјалните мрежи да може да ги промовираат македонскиот јазик и култура кај врсниците од соседна Србија и така да се градат мостови на пријателство.

Српскиот амбасадор Ѓурин изрази задоволството од отворањето на едукативната работилница, која го носи датумот на државноста на Србија, 15-ти февруари. Според него, важно е што децата се учат на дипломатија.

- Важно е децата да ги учиме на дипломатија зашто тие во идните активности ќе научат дека проблемите не се решаваат со војни, како што нашите предци и ние се обидувавме проблемите на овие простори и во светот да ги решиме со војни, изјави амбасадорот Ѓурин.

На почетокот на функционирањето на едукативната работилница за српски јазик и култура беше организирана и мала донаторска акција. Со собраните пари треба технички да се опреми работилницата. Свеченоста беше збогатена со културно-уметничка програма.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.