понеделник, 20 февруари 2012, 12:02
Околу 80 комплети македонска литература на англиски јазик доставени низ светот
Осумдесетина комплети од едицијата „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик, се доставени до поголеми национални библиотеки во светот, амбасадите на Република Македонија и црковните општини на МПЦ во странство, стручни и научни институции од областа на литературата и книжевноста.
Во списокот за дистрибуција планирани се вкупно 372 комплети, со кои светската јавност ќе се запознае со репрезентативниот избор на најдоброто од македонската книжевност создавана низ вековите.
До македонските амбасади ќе бидат дистрибуирани преку Министерството за надворешни работи, а во земји каде што Република Македонија нема амбасада, книгите ќе бидат подарени во националните библиотеки. Според списокот на Министерството за култура, предвидено е достава во библиотеките во Перу, Колумбија, Мексико, Куба, Бразил, Аргентина, Кипар (Никозија), Либан, Сирија, Иран, Ирак, Пакистан, Мароко, Гана, Кенија, Јужноафриканска Република,Танзанија, Зимбабве, Нигерија, Тајланд, Сингапур, Малезија, Шри Ланка, Нов Зеланд и Филипини.
Проектот го реализираше НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје. Минатата недела националната библиотека соопшти дека едицијата „130 тома македонска книжевност“ ќе добие превод на уште шест јазици – германски, француски, руски, шпански, арапски и кинески, но во скратена, антологиска форма.
Ќе има осум тома за седум одделни книжевни родови - поезија, расказ, драма, роман (во два тома), литература за деца, книжевна критика и есеј – на над 4.000 страници.
Тиражот на антологиите за секој од шесте јазици ќе биде 500 примероци, а поради обемноста, проектот ќе се реализира етапно и најдоцна до 2015 година. Најмногу време ќе треба за преводот на арапски и на кинески, зашто за овие јазици има малку преведувачи.