недела, 19 февруари 2012, 10:14
Детската куклена претстава „Муминтрол и Зимата“ вечер во МНТ
На Малата сцена во Македонскиот народен театар вечер ќе биде изведена детската куклена претстава „Муминтрол и Зимата“ на Буден Театар.
Претставата е работена според романот „Муминдолина среде зима“ од Туве Јансон, една од најпознатите фински авторки. Улогите ги толкуваат Златко Митрески, Милиана Ленак и Моира Ленак. Милиана Ленак воедно е режисер, сценарист и сценограф.
Куклите се изработени според оригиналните скици на карактерите на Јансон, а автори се Димитар и Петја Димитрови од Бугарија.
Претставата, која уште еднаш ќе биде одиграна следната недела, на разбирлив јазик за децата, зборува за процесот на прифаќање нови и различни нешта, за важноста да се биде отворен кон промените и да се цени сегашниот миг.
Муминтроловите, измислени суштества од Туве Јансон, хибернираат во зима. Еден од нив ја нарушува традицијата, осамнувајќи буден среде зима. Целото негово семејство спие па малечкиот Муминтрол е принуден, сосем сам, да се соочи со дотогаш непознатиот свет на ова годишно време. Снегот, Мразната девојка и еден куп зимски гости кои во лето или пролет не може да се сретнат, се само дел од неговите доживувања. Тој никако не успева да престане да тагува за светот онаков каков што го познавал порано - светот во лето. Сепак, трансформацијата се случува природно и малечкиот Муминтрол, побогат за цело едно искуство, станува поотворен и потолерантен кон различните нешта.
Книгите за Мумините на Јансон се преведени на преку 30 јазици. По овие дела се снимени низа анимирани серии и детски филмови, реализирани се детски претстави и опери. За своите книги и за илустрациите што самата ги прави, финската писателка е добитник на престижни награди.