сабота, 18 февруари 2012, 12:58
Балетот „Силфида“ вечер на сцената на МОБ
Романтичниот балет „Силфида" на композиторот Херман Ловенскјолд вечер ќе биде изведена на големата сцена на Македонската опера и балет.
Кореографијата е на познатиот дански кореограф Огист Бурнанвил од Данска, а сцената на МОБ е адаптирана од францускиот кореограф Џејмс Амар, кој што одлично го познава стилот на Бурнанвил.
Костимите се во автентичен шкотски стил и ги изработи нашиот костимограф Марија Пупучевска, а сценографијата е на Крсте Џидров.
Во улогата на Силфида ќе настапи Мими Поп Алексова. Џејмс ќе го толкува Бобан Ковачевски. Ефи - Саша Евтимова, Герн - Игор Веланоски, Вештерка - Ивана Коцевска, Главна вила - Марија Јосифовска, две вили - Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева.
Силфида е пример за романтичен балет кој што ја отсликува жената како кршливо, неземско суштество, која може да се крене без никаков напор. Во времето кога е создадена „Силфида" балерините почнале да носат романтични балетски фустани (туту/пачка) со пастелни, лелеави здолништа кои ги разголуваат потколениците. Приказните кружат околу необични, фолклорни духови.
„Силфида" е балет во два чина. Дело кое што на репертоар го имаат сите големи балетски национални куќи. Либретото на А. Нури и Ф. Талони раскажува романтична бајка која се случува во шкотско село и во која се раскажува за неостварената љубов помеѓу Силфида, убава самовила, и Џејмс, шкотско момче, маѓепсано од нејзината убавина.
Ова е една од најстарите балетски претстави која се игра до ден денешен. Светската премиера ја доживува на 12 март 1832 година во Салле Ле Пелетиер на Париската опера.