петок, 17 февруари 2012, 14:02
Промовиран филмот „Дојди во Карпош“ во режија на Кузман Клековски
Во Кинотеката на Македонија денеска беше промовиран филмот „Дојди во Карпош“ во режија на Кузман Клековски, сценарио на Христо Петрески, а во продукција на Универзитетот за аудиовизуелни уметности и режија ЕСРА Париз–Скопје–Њујорк.
Ректорот на ЕСРА Париз–Скопје–Њујорк Јордан Плевнеш на промоцијата истакна дека со овој документарен филм почнува славењето на петгодишниот јубилеј на Универзитетот.
- Нашата кампања ја почнуваме со слоганот „ЕСРА–Париз, ЕСРА–Њујорк, ЕСРА–Карпош“. Филмот е инспириран од духовитоста на градоначалникот за кого мислевме дека ќе се појави само како слика во филмот, но тој всушност на голема радост на сите се појави како главен актер. Моментално работиме на преведување на филмот на англиски и на француски јазик, кој ќе биде претставен пред нашите колеги во ЕСРА–Париз и ЕСРА–Њујорк, рече Плевнеш.
Како што нашата држава се бори за својот идентитет во светот, потенцираше градоначалникот Стевче Јакимовски, така и општина Карпош се бори за својот идентитет, како во Скопје, така и во Република Македонија и надвор од неа.
- Посебно ми е драго, што тој наш напредок го препознаваат сите граѓани на нашата земја и ни се приклучуваат во нашата мисија. Со нас работат многу актери, режисери, пејачи, сликари, академици и професори. Навистина сум среќен што славиме два јубилеја, 35 години од општина Карпош и пет години ЕСРА, додаде Јакимовски.