Rss feed

Хроника

среда, 22 февруари 2012, 14:26

Кривична пријава за велешанец поранешен директор на ДАТШ „Транс Велес“

Секторот за внатрешни работи Велес до надлежното обвинителство поднесе кривична пријава против лицето И.Т.(50) од Велес, доминантен сопственик и поранешен извршен директор на ДАТШ „Транс Велес“ АД Велес, осомничен дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Пријавениот, соопшти денеска МВР, делото го сторил на тој начин што во периодот февруари-септември 2002 година како управител со неограничени овластувања и извршен директор на ДАТШ „Транс Велес“ АД Велес, а во исто време и како сопственик и единствен содружник на ДПТУ Тедико ДООЕЛ увоз-извоз Велес. Тој иако ја знаел финансиската состојба за несолвентност на друштвото односно неможност да ги подмирува финанските обврски, а со намера да се стекне со противправна имотна корист, склучил четири фиктивни договори за заем на парични средства во вкупен износ од 15.000.000 денари и 750.000 евра помеѓу заемодавачот „Тедико“ и заемопримачот „Транс Велес“. Врз основа на истите договори, пријавениот склучил договор за  залог врз подвижни предмети со кој е засновано заложно право над  вкупно 260 товарни, патнички и приклучни возила сопственост на „Транс Велес“, кои подоцна со Записник во постапката за реализација на залог со непосредна спогодба се продадени на „Тедико“.

Со наведеното, фирмата ДПТУ „Тедико“ ДООЕЛ увоз-извоз Велес се стекнал со противправна имотна корист од 54.060.333 денари на штета на ДАТШ „Транс Велес“ АД Велес.

Тој и претходно е пријавуван за кривични дела против имотот и против службената должност, за што му се изрекувани и затворски казни и во моментов Министерството за внатрешни работи има распишано меѓународна  потерница за истото.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.