Rss feed

Хроника

вторник, 21 февруари 2012, 15:48

Кривични пријави за шестмина битолчани за тешка кражба во Регионалната дирекција на УЈП

СВР Битола до Основното јавно обвинителство поднесе кривични пријави против шестмина битолчани заради сторени кривични дела „прикривање“ и „тешка кражба“ извршени ноќта меѓу 20 и 21 декември минатата година во канцелариите на Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи во овој град.

Портпаролот на СВР Битола Ѓоко Стрезовски денеска соопшти дека кривичните пријави се поднесени против С.Г. (22), В.М. (16), Р.К.(16), Р.Ѓ. (17), З.Ц. (41) и Т.М. (37) сите од Битола.

- Пријавените најнапред ја отвориле алуминиумската врата во канцелариите на УЈП, се качиле на петтиот кат, ја отвориле и дводелната застаклена дрвена врата, а потоа влегле во седум канцеларии од каде одзеле 20 компјутери, фотоапарат со мемориска картичка, клучеви од две запленети патнички моторни возила. Оштетиле и три компјутерски монитори, тастатура, метален сеф и неколку дрвени шкафови со што причиниле материјална штета од околу 340.000 денари, истакна Стрезовски.

Првите четворица пријавени годинава во ноќта меѓу 7 и 8 февруари извршиле уште една тешка кражба во куќа на ул. „Таки Димитровски“ во Битола и притоа извршиле кражба на еден ЛЦД телевизор, еден плазма телевизир, два ДВД-плеери и еден сатеглитски ресивер, оштетувајќи пријавителот за сума од околу 60.000 денари.

Петтопријавениот, пак, од првите четворица пријавени, иако знаел дека потекнуваат од кривично дело, купил поголем број компјутери за различна сума, а шестопријавениот со намера да се стекне со противправна имотна корист иако знаел за потеклото од второпријавениот кој всушност е негов син во својот дом примил два лап-топ компјутери, едниот го сокрил, а другиот го продал на лице од Охрид за сума од 100 евра.

- Со оглед на тоа што тој го запуштил својот син и го довел во состојба да врши кривични дела, против Т.М. е поднесена и кривична пријава за сторено кривично дело „запуштање и малтретирање малолетно лице“, информираа од СВР Битола на денешната прес-конференција.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.