вторник, 21 февруари 2012, 15:42
Во македонски камион што превезувал фероникел во Италија откриени 300 килограми марихуана
Италијанската служба за борба против дрога, по претходно доставено известување од страна на македонското МВР за можен транспорт на марихуана од Албанија во Италија, вчера во италијанското пристаниште Бари открила 300 килограми марихуана во камион марка „Мерцедес“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од лицето А.И.(1954) од Тетово, државјанин на Македонија. Тој е приведен и се работи на целосно расчистување на случајот
- При извршениот преглед на камионот со кој се вршел легален транспорт на фероникел од Македонија преку Албанија за Италија, пронајдени се 272 пакувања со околу 300 килограми наркотична дрога марихуана. Марихуаната, чија вредност на европските наркопазари, на улица изнесува до 900.000 евра, според сознанијата на македонската полиција била натоварена во товарното возило на непозната локација во Албанија, соопшти МВР.
Одделот за недозволена трговија со дрога при Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со сродните италијански и албански служби, потенцираат од МВР, подолго време работеа на прибирање на оперативни сознанија во рамки на обработката „Калабрија“, насочена кон криминална група составена од македонски и албански државјани кои се занимаваат со транспорт на поголеми количини на марихуана од Албанија во земјите на Западна Европа.
- Успешната меѓународна операција е резултат на интензивната размена на информации, врз основа на потпишани протоколи за соработка со италијанската полиција и формирани работни групи за борба против недозволена трговија со дроги, се нагласува во соопштениеот од МВР.