Rss feed

Хроника

вторник, 21 февруари 2012, 15:35

МВР Билтен

Во 17 часот вчера во тетовското село Теарце во семејниот стан, поради нерасчистени семејни работи, настанала тепачка меѓу Х.Р.(1990) и неговата мајка В.Р.(1965), при што неговата сестра Ј.Р.(1995) од Тетово, му нанела два убоди со нож во пределот на левото рамо и на задниот лев дел од градниот кош.

Х.Р. е пренесен и задржан на лекување во КЦ-Тетово и се наоѓа надвор од животна опасност. Увид на лице место извршила екипа од СВР-Тетово, при што е пронајден и подигнат ножот заради вештачење.

Во 8 часот вчера пред капијата на АД „Струмица Табак“, И.Т. од Струмица држејќи нож во рака замавнал кон вработениот во АД, Д.Н.(1968) од истиот град со цел да го повреди, но бил спречен во намерата од страна на обезбедувањето.

Причина за наведеното било тоа што на И.Т. не му бил продолжен договорот за работа. СВР-Струмица презема мерки за расчистување на случајот.

Околу 20 часот и 30 минути вчера во Скопје, на ул.„Боро Кралевски“ бр.18, во продавница „Тивт“, две непознати лица од кои едното вооружено со пиштол непозната марка, извршиле разбојништво над вработената Д.Ц.(1960) од Скопје, при што и одзеле 22.000 денари.

Лицата го извршиле разбојништвото на тој начин што и се заканиле на вработената со пиштолот, барајќи и пари. Откако таа им ги дала парите, лицата го напуштиле местото.

Полициската станица-Чаир презема мерки за пронаоѓање на лицата.

Од 1 до 20 февруари во Скопје на ул. „Радишанска“, непознат сторител на непознат начин од куќата на Б.С.(53) одзел 10.500 евра.

Се преземаат мерки за откривање на сторителот.

Полицијата од Прилеп поднесе кривична пријава против А.А.(49) од с.Калаузлиа-Радовиш за сторено кривично дело „вонбрачен живот со малолетно лице“.

Во јануари пријавениот се согласил неговата малолетна ќерка да живее со малолетно лице, а за тоа од таткото на момчето зел 3.000 евра.

Од 18 до 20 февруари од страна на непознат сторител бил оштетен металниот држач за знамиња на зградата на општината Брвеница лоцирана на ул.„Браќа Јаниќ“ бб во село Брвеница-Тетово.

Делото е извршено на тој начин што сторителот прескокнал преку оградата и го откорнал од зид металниот држач за знамиња, на кои биле поставени три знамиња: државното знаме на Р.Македонија, знамето на Р.Албанија како и општинското знаме на општина Брвеница.

Увид на местото извршила екипа на СВР-Тетово која презема мерки за пронаоѓање на сторителот.

Полициската станица-Радовиш поднесе кривична пријава против Л.Л.(46) од Радовиш, директор во водостопанство „Радовишко поле“ од истиот град за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Oд 2009 до 2011 година, пријавената исплаќала зголемен износ надоместок на дневници за службени патувања за себе и за вработените, а го зголемила и надоместокот на дневници на управните и надзорните одбори во vодостопанство за 25 отсто, иако со одлука на Владата било одлучено надоместокот да се намали за 30 проценти.

Исто така, спротивно на одлуката на Владата, плаќала сметки за трошоци во угостителски објекти од сметката на водостопанството. На овој начин, пријавената го оштетила Буџетот на Република Македонија за износ од 571.491 денари.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против К.П.(65) од Струмица, поранешен социјален работник во ЈУ „Меѓуопштински центар за социјални работи“ од истиот град за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.

Во текот на 2010 година, пријавениот спротивно на Законот за заштита на деца, изготвил решенија за исплаќање право на родителски додаток на пет лица, кои не биле заверени од страна на раководителот на установата, со што им овозможил на лицата да примат додаток во вкупен износ од 336.410 денари.

СВР Битола поднесе кривична пријава против С.С.(42) од Македонски Брод, директор на ПШС „Сандански“-Македонски Брод, подружница на ЈП „Македонски шуми“-Скопје за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Во периодот од 2007 до 2011 година, пријавениот склучил пет договори за продажба на огревно дрво со фирми од Тетово, Кочани, Прилеп и Скопје, без да се придржува кон упатството за продажба на дрвни сортименти предвидени во Статутот на јавното претпријатие, односно купувачите на дрво паричинте средства во износ од 8.246.696 денари требало да ги платат во рок од 15 дена, но се уште не се исплатени.

Пријавениот во текот на 2011 година, склучил договор за изградба на шумски патишта со фирма од Тетово, при што фирмата градежните работи не се ги извела во предвидениот рок, но С.С. и покрај тоа што во договорот било предвидено плаќање на казна за неизведување на работите, истото не покренал постапка за наплата на паричните срества.

На овој начин, пријавениот го оштетил ЈП „Македонски шуми“ за износ од 10.199.776 денари.

Вчера во 14 часот и 30 минути во Кавадарци, во Центарот за социјални работи дошло лице викано Ларо, кое изреволтирано, бидејќи не му давале да земе социјална помош, почнал да ги навредува вработените Ѓ.К., П.А. и Н.С., сите од Кавадарци.

Со нога го удрил печатарот од компјутерот, а откако дошол работник од обезбедувањето, Ларо со бетонска коцка замавнал кон него, погодувајќи ја влезната врата, по што го напуштил местото.

Полицијата од Кавадарци презема мерки за расчистување на случајот.

Во 3 часот синоќа во полициската станица во Карпош било пријавено дека на ул.„Хелсинки“, било опожарено возило марка „киа сид“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на М.М. со стан на наведената адреса.

Возилото било опожарено од задната страна до ветробранското стакло. Пожарот е изгасната, а увид на местото ќе се врши во текот на денешниот ден.

Полициската станица-Берово поднесе кривична пријава против А.М.(68) од Берово за сторено кривично дело „незаконито влијание врз сведоци“.

Во Берово овој месец, пријавениот вербално му се заканувал на малолетно лице од истиот град, бидејќи било сведок и оштетен во судска постапка која се водела против пријавениот.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против В.М.(30) од Радовиш за сторено кривично дело „фалсификување пари“.

Во јануари во Струмица во угостителскиот објект „Платиниум“, пријавениот при плаќање угостителски услуги, наплатил со фалсификувана банкнота во апоен од 1.000 денари.

Одделението за илегална миграција и превенција при РЦ „Југ“ поднесе кривична пријава против косовскиот државјанин А.А.(48) за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.

На 19 февруари во 14 часот на излез од Македонија, на граничниот премин „Богородица“, пријавениот приложил фалсификувана швајцарска дозвола за престој.

Истражен судија на пријавениот му одреди мерка притвор во траење од 30 дена.

Вчера во 17 часот и 40 минути во Скопје, на бул.„Александар Македонски“ на пешачкиот премин наспроти бензинската пумпа на АД „Макпетрол“ се случила сообраќајна незгода во која Р.Г.(1974) од Скопје, управувајќи возило марка „опел астра“, сопственост на МВР удрил во пешакот Н.А.(1928) од Скопје.

Од незгодата пешакот се здобил со телесни повреди и истиот е пренесен во Ургентен центар-Скопје и е задржан на лекување во КАРИЛ.

Извршен е увид на местото на несреќата. Во незгодата причинета е материјална штета од околу 150.000 денари.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.