недела, 19 февруари 2012, 16:43
Откриени разбојниците што ги извршија кражбите во „Кам маркет“ во населба Ченто
СВР Скопје до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 24-годишниот М.Е, 22-годишниот К.А и 28-годишниот А.Б. поради сомнение дека извршиле две разбојништва и едно разбојништво во обид.
Делата ги извршиле во период од 23 април минатата година до 13 февруари годинава со закана со огнено оружје врз вработени во „Кам Маркет“ во населбата Ченто при што се стекнале со вкупна противправна имотна корист од 672.878 денари.
Од страна на истражен судија, на М.Е. му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, додека на другите двајца притвор во траење од 30 дена во отсуство, бидејќи се во бегство.
При првото разбојништво што го извршиле на 23 април лани украле 372.878 денари, а во второто на 16 септември лани зеле 300.000 денари. На 13 февруари се обиделе повторно да го ограбат истиот маркет, но вработените го притиснале копчето за повикување на обезбедувањето по што се исплашиле и избегале. Бегајќи, М.Е. во празна просторија во непосредна близина на маркетот ја фрлил својата црна јакна во која била неговата лична карта. Припадниците на „Алфа“ единицата го лоцирале и привеле осомничениот, а откако биле идентификувани и останатите, извршен е претрес во нивните домови каде е пронајден дел од опремата што ја користеле. Рабојникот ги признал делата и изјавил дека ги извршил заедно со двете лица кои се во бегство.
Од МВР информираат дека во тек е расветлување и на други дела извршени од истите сторители.
А.Б. и е познат на полицијата по „тешка кражба“ за што е казнет со парична казна во 2009, а во текот на 2011 против него е поднесена пријава за „разбојништво“. На М.Е. му е изречена мерка засилен надзор од родител за сторена „тешка кражба“ во текот на 2006, додека К.А. досега не минувал во крим-евиденцијата.