Rss feed

Хроника

сабота, 18 февруари 2012, 14:55

Запален џип и вооружен грабеж на продавница во Битола

Утрово околу 3 часот на улицата „Климент Охридски“ во Битола бил запален џип марка „Нисан Терано“ сопственост на битолчанецот Јордан Кромидаровски.

Портпаролот на СВР-Битола Ѓоко Стрезовски истакна дека по пријавата бил извршен увид и е констатирано дека пожарот настанал пред куќата на оштетеното лице каде бил паркиран џипот и притоа бил опожарен предниот дел на џипот кој целосно изгорел, а оштетени се и ветробранското стакло и маската кај воланот на возилото.

- Во непосредна близина на џипот пронајдено е шише со течност со мирис на бензин и е предадено за вештачење. Пожарот е изгаснат од битолските пожарникари и почната е истрага за овој случај во кој е предизвикана и поголема материјална штета, истакна Стрезовски.

Од СВР-Битола информираат дека ноќеска по полноќ извршена е кражба во продавницата „Канди“ во тој град, кога непознато маскирано лице со пиштол во рацете на вработените им одзел 15.400 денари од дневниот промет и избегал во непознат правец.

СВР-Битола презеде мерки за откривање на сторителот кој синоќа изврши вооружен грабеж во овој град.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.