Rss feed

Хроника

сабота, 18 февруари 2012, 14:50

Лани забележано намалување на бројот на кривични дела убиства

Во текот на минатата година е забележано намалување на кривичните дела убиства за 27 проценти. Податоците на МВР покажуваат дека лани се регистрирани 29, за разлика од 40-те регистрирани во претходната година. Ваков мал број, како што стои во соопштението, не е забележан од 1989 година кога биле регистрирани 27 кривични дела. Оттогаш наваму бројот на убиствата се движи од 30 до 75 во 2003 година, а по оваа година убиствата континуирано се намалуваат, соопштува МВР.

И во 2011 година, стои во соопштението, а што беше карактеристика  и на  претходните години, убиствата најчесто да се извршуваат помеѓу членови на семејство, како и поради настанати расправии помеѓу лица, кои биле во нарушени меѓучовечки односи, додека  останатите причини поради кои  се посегнуваше по нечиј живот, се користољубие, изнуда на пари, парични долгови и слично се далеку помалубројни.

Исто така, убиствата најчесто ги вршеле поединци, додека изостанува организираниот начин на извршување, а истото се потвдува со фактот дека 18 од расветлените убиства  се извршени од поединци, потоа пет убиства се извршени од две лица, додека две убиства се извршени од групи од по три лица.

Од вкупниот број убиства, во три случаи се работи за двојно убиство, а две убиства се извршени од небрежност, при лов.  Оваа година, најголем број од вкупно евидентираните убиства евидентирани се извршени на подрачјето на Скопје-13, по четири во Куманово и Тетово, по две во Кичево и Радовиш и по едно во Охрид, Велес, Неготино и Струмица.

Според местото на извршување, 15 се извршени во урбани средини, 12 се во рурални средини, а две лица се убиени на автопат, односно магистрален пат.

Според начинот на извршување, најголем број од убиствата во 2011 година се извршени со употреба на огнено оружје-во 18 случаи (пиштоли, ловни и војнички пушки и во еден случај со автоматско оружје), потоа три со употреба на физичка сила, по две убиства се извршени со метални предмети, камења и стапови и задавување, додека по едно убиство е извршено со нож и остар предмет.

Со оглед на фактот, што во три случаи се работи за двојни убиства, убиства се извршени над 32 лица, од кои четири се од женски, а останатите 28 лица се од машки пол. Според возраста, убиени се тројца малолетници, четири на возраст од 18 до 30 години, 14 лица на возраст од 30 до 50 години, а 11 убиени се над 50-годишна возраст. Најмладата жртва годинава е 14-годишник, убиен од страна на чувар во фабрика во Тетово, бидејќи е затечен во вршење кражба. Најстарата жртва е 90-годишна старица од Скопје, убиена од страна на својата 34-годишна внука, која била со нарушено ментално здравје.

Засилените активности што ги преземаше полицијата придонесоа за  откривање на сторителите на 25 убиства,  со што е постигната висока ефикасност од 86,2 отсто, при што мерки на кривичен прогон се преземени против 33 сторители (30 мажи и три жени), а против еден од сторителите, 33-годишна жена, не се преземени мерки бидејќи, таа, по извршувањето на убиството над својот сопруг, извршила самоубиство, стои во соопштението.

Според возраста, само еден од сторителите е малолетен, потоа 13 се на возраст од 18 до 30 години, 14 се на возраст од 30 до 50 години, а шест се над пеесетгодишна возраст. Најмлад сторител на убиство годинава е 16-годишен ученик од Скопје, кој во дворот на скопското градежно училиште, поради расправија околу девојка, со употреба на физичка сила лиши од живот свој соученик на возраст од 19 години. Најстар сторител на убиство годинава е 80-годишна старица од Радовиш, која заедно со својот внук, со цел да прикријат претходна изнуда на пари, лишиле од живот 78-годишна старица.

За извршените убиства досега, со оглед на краткиот временски период се донесени пресуди само против двајца сторители, 32-годишен припадник на полицијата, кој ноќта по прогласувањето на победата по повод парламентарните избори, со тепање лиши од живот 21-годишник и 53-годишна жена која поради семејни расправии го лиши од живот својот сопруг (на овие сторители, со првостепена судска пресуда им се изречени казни затвор во траење од 14, односно пет години).

Како покарактеристични, се издвоени убиството кое е квалификувано како свирепо и подмолно, а е извршено над 71-годишен старец од Кичево, од страна на неговиот 41-годишен син кој во договор со 26-годишна познаничка најпрвин го убиле, а потоа го запалиле, потоа убиството на сопственик на менувачница во Куманово, од страна на две лица, кои од убиениот одзеле поголем износ на пари, како и убиството извршено од двајца скопјани во 2009 година, кои по настаната расправија околу паричен долг, задавиле 44-годишно лице, а потоа го закопале во домот на еден од сторителите.
 
Полицијата, исто така паралелно работеше и на расветлување на убиства извршени претходните години, а нивните напори резултираа со расветлување на убиство извршено 2008 година, кога во близина на автопатот Тетово-Гостивар беше убиено едно лице, а едно беше телесно повредено.

Освен регистрираните убиства, во текот на 2011 година, во Р.Македонија се извршени и 38 обиди за убиства, што значи дека овој вид на кривични дела се на исто ниво со ланската година, кога беа регистрирани 39 дела. Од нив, најмногу-11 се извршени на подрачје на Скопје, потоа седум во Куманово, три во Радовиш, по две во Гостивар, Охрид, Струмица и Велес и по едно кривично дело во Дебар, Кичево, Крива Паланка, Прилеп, Ресен, Струга, Тетово, Штип и Кратово. По преземени мерки расветлени се 33 кривични дела со што е постигната висока ефикасност од 87%, а за извршените кривични дела се пријавени вкупно 44 сторители. Нерасветлени останаа пет кривични дела, од кои две во Скопје и по едно во Гостивар, Куманово и Велес.

Мотив за извршување на овие дела се претходно настанати расправии и тепачки поради нарушени меѓучовечки односи, а во неколку случаи сторителите и жртвите биле во роднински врски. При едно кривично дело сторителот кој се барал по потерница, пукал во полицијата при обид да побегне, при што повредил еден полициски службеник. Овие кривични дела во 16 случаи се извршени со употреба на огнено оружје (најчесто пиштол) и ладно оружје (најчесто нож), потоа во три случаи со употреба на физичка сила(во еден случај со загушување), во два случаи со остри предмети(вила и скалпел) и во еден случај со употреба на секира.

Инаку, две дела се во врска со извршените убиства, а се работи за убиството на автопатот Велес-Скопје и двојното убиство во Тетово. Оваа година регистрирани се и пет убиства во обид извршени при семејно насилство, извршени во Струмица, Кратово, Куманово, Крива Паланка и Велес, од страна на тројца сопрузи и двајца други роднини, кои се обиделе да ги лишат од живот своите сопруги, односно роднини, со употреба на нож, вила или огнено оружје.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.