сабота, 18 февруари 2012, 14:44
Во 2011 година забележан пораст на кривичните дела извршени при семејно насилство
Минатата година во земјава е забележано зголемување за 23,3 проценти кривичните дела извршени при семејно насилство. Според соопштението од МВР лани се регистрирани вкупно 593 кривични дела извршени при семејно насилство. Во 2010 година таа бројка изнесувала 481.
- Анализирајќи ги состојбите по сектори, можеме да заклучиме дека речиси во сите сектори е евидентно зголемувањето на кривичните дела, а зголемувањето е најизразено во СВР Струмица каде се регистрирани 95(58), СВР Скопје каде се регистрирани 120 (95) кривични дела и СВР Битола-115 (94), потоа во СВР Охрид-43 (37), во СВР Штип-51 (44), СВР Велес-63 (44) и во СВР Тетово-51 (48). Порастот на кривичните дела се должи најмногу на порастот на делата „телесна повреда„ кои годинава изнесуваат 418 наспроти бројката од минатата година од 310, а зголемување бележиме и кај делата „загрозување на сигурноста“-132(124). Намалување на кривичните дела бележиме само на подрачјето на СВР Куманово, каде се регистрирани 55 (61) дела, стои во соопштението.
За разлика од континуираното зголемување на кривичните дела, кое од година за година станува сè поевидентно, последниве години се бележи континуирано намалување на прекршоците извршени помеѓу членови на семејството. Оваа година тоа намалување изнесува 9,5 отсто, односно регистрирани се 655, а петходната година биле регистрирани724 прекршоци од овој вид. Намалувањето е карактеристично за сите сектори, а најевидентно е во СВР Куманово за 61 отсто, каде се регистрирани 60 а претходната година биле регистрирани 153. Зголемувањето е присутно само во СВР Охрид каде се регистрирани 58, а претходната биле 35 прекршоци и во СВР Скопје, каде се регистрирани 346, а претходната 317 прекршоци, во СВР Тетово бројот на прекршоците е на минатогодишно ниво-83.
Во врска со пријавените поплаки, нивниот број изнесува 4.609 и е зголемен се за 23 отсто. Зголемувањето на поплаките е карактеристично за сите сектори, а најголемо е во СВР Струмица, каде изнесува 57 отсто и СВР Тетово каде се бележи пораст од 55 отсто. додека намалувањето на поплаките е карактеристично само во СВР Велес за 16,5 отсто.
Од статистичките показатели може да се констатира дека зачестените кампањи влијаеле на подигање на свеста на жртвите на семејно насилство поради што континуирано се зголемува бројот на пријавени кривични дела од оваа област, а оваа проблематика добива и посериозен третман од институциите во системот, кои имаат ингеренции во справување со ваквите облици на насилство. - Така што кривичните дела од овој вид се посоодветно се санкционираат, а настаните кои претходните години се третираа како прекршоци против јавниот ред и мир, последниве години се квалификуваат како дела сторени при семејно насилство, се истакнува во соопштението.
Според структурата како и вообичаено најбројни се кривичните дела против животот и телото, при што во овој период е регистрирано едно убиство извршено при семејно насилство и пет убиства во обид. Вообичаено најзастапено е делото „телесна повреда“, односно 70 проценти од вкупно регистрираните дела со обележје на семејно насилство. Извршени се 418 дела, а зголемувањето изнесува 34,8 отсто. Сторители се најчесто сопрузите - 216 лица и синови - 77, додека останатите категории се застапени во многу помал број. Повредите што им ги предизвикале најчесто се со употреба на физичка сила, а само по 22 телесни повреди се нанесени со употреба на ладно оружје или други погодни предмети. „Тешките телесни повреди„-20 се на исто рамниште како и лани. Карактеристично за нив е што сторителите при извршување на дури 15 дела биле во состојба на психичко растројство, а обично повредите на жртвите ги нанесувале со употреба на физичка сила. Овие дела се извршени од страна на седум синови, шест сопрузи и по два поранешни сопрузи, вонбрачни сопрузи и подалечни роднини. Причини за извршување на овие дела се нарушени семејни односи и меѓусебна нетрпеливост, кои траеле подолг временски период и истите резултирале со тешки повреди.
Од делата против слободата и правата на граѓанинот, регистрирани се вкупно 147 кивични дела, каде има незначително зголемување од 2 отсто во однос на истиот период минатата година. Најмногу од нив се „загрозување на сигурноста“-132 дела, а овие дела вообичаено, најмногу се извршуваат на подрачје на Битола 23 и Прилеп 21 дело, додека жртви најчесто се сопруги - 74, од кои 11 во вонбрачна заедница, на кои најчесто со упатување сериозни закани по животот или со употреба на физичка сила им е загрозена сигурноста. Во 19 случаи сторитлеите им ја загрозиле сигурноста со употреба на ладно оружје, а во три случаи со огнено оружје. За разлика од лани кога беа регистрирани 19 кривични дела „присилба„, оваа година тие се намалени и изнесуваат 12, а се извршени од шестмина сопрузи, по двајца синови и подалечни роднини и по еден татко, сопруга и ќерка, кои подолг временски период, во состојба на психичко растројство или под дејство на алкохол, физички и психички ги малтретирале своите најблиски. Интересен е случајот во Велес, каде син и ќерка на возраст од 21 и 25 години, континуирано вербално и физички го напаѓале својот татко, кој по разводот со сопругата, сакал да се ожени со друга жена. Исто така, регистрирани се и две дела „противправно лишување од слобода“, од кои едното е извршено во Кочани, каде вонбрачен сопруг, со помош на четворица негови пријатели, ја лишил од слобода и физички ја малтретирал неговата вонбрачна сопруга поради расправија околу старателство за нивните деца, а другото е извршено во Куманово од страна на сторител кој ја лишил од слобода својата поранешна љубовница и истата телесно ја повредил.
Во рамките на кривичните дела против половата слобода и половиот морал се регистрирани две дела „силување“, на подрачје на Кратово, каде 50-годишен сопруг, под дејство на алкохол и закани по животот се обидел да изврши силување над неговата сопруга и во Штип каде силувањето го извршил поранешен сопруг на жртвата.
За извршените кривични дела се пријавени вкупно 600 сторители, од кои 550 или околу 92% се мажи, а само 50 се жени. Според роднинската врска, делата ги извршиле 307 сопрузи, 16 сопруги, кои вршеле семејно насилство над своите брачни другари, потоа 103 синови и осум ќерки кои насилството го вршеле над своите родители. Понатаму, како сторители се јавуваат 27 татковци и седум мајки кои физички ги малтретирале своите деца, 43 мажи кои со жртвите биле во вонбрачна заедница, 26 поранешни сопрузи, четири вонбрачни сопруги, една поранешна сопруга, додека останатите 58 сторители се други членови на семејството. При извршувањето на делата, 249 сторители биле под психичко растројство, 139 под дејство на алкохол и тројца под дејство на дрога и во таква состојба вршеле семејно насилство над своите најблиски. Според начинот на извршување 492 кривични дела се извршени со употреба на физичка сила, 45 со употреба на ладно оружје (при извршувањето на 22 телесни повреди, 19 загрозувања на сигурноста, три обиди за убиства и една тешка телесна повреда), пет дела со употреба на огнено оружје(по едно убиство и убиство во обид и три загрозувања на сигурноста), а останатите дела се извршени со употреба на погодни предмети.
Што се однесува до жртвите на кривичните дела, најчести жртви на семејно насилство се жените-507 и 105 лица од машки пол, а според роднинската врска, најголем број од нив се сопруги-314, потоа 14 сопрузи, 116 родители (63 мајки и 53 татковци), 45 деца (23 синови и 22 ќерки), 45 вонбрачни сопруги, 23 поранешни сопруги, двајца поранешни сопрузи, еден вонбрачен сопруг и 52 останати членови на семејството.
Во текот на 2011 година, се регистрирани 655 прекршоци, кои се сторени меѓу членови на семејство. Најмногу од нив се однесуваат на „малтретирање во стан„-327, а во помал обем се застапени останатите прекршоци, како на пример, 168 „физички напад“, 70 „учество во тепачка„, 61 „карање и викање на јавно место“, 10 „оддавање на пијанство“ и 19 останати прекршоци.
Најмногу барања за поведување прекршочна постапка се поднесени од страна на СВР Скопје-346, потоа од СВР Штип-83 (Штип-37, Берово-15, Кочани-14, Делчево-шест, Виница и Пробиштип-по четири, Свети Николе-три), 60 од СВР Куманово(Куманово-50, Крива Паланка-девет и Кратово-едно), СВР Охрид-58(Охрид-39, Струга-12 и Кичево-седум), СВР Струмица-53(во Гевгелија-23, Радовиш-14, Струмица-11 и Валандово-пет), СВР Тетово-33(Тетово-24 и девет во Гостивар), СВР Битола-12(Битола-шест, Прилеп-четири и две во Крушево) и СВР Велес-10 (сите во Неготино).
Како жртви во поголем број се јавуваат лица од женски пол-436, а помал е бројот на жртвите од машки пол-284. Според роднинската врска со сторителот, најмногу малтретирани се сопруги-204, потоа 140 родители, 67 деца, 32 лица во вонбрачна заедница, 25 сопрузи, 13 поранешни брачни другари, а останатите категории се застапени во помал број. Сторителите најчесто се лица од машки пол-615, а 88 се од женски пол.
При извршување на прекршоците-351 сторители ги малтретирале жртвите како резултат на психичко растројство, 179 сторители биле под дејство на алкохол, а петмина под дејство на дрога. Според статистичките податоци, 438 прекршоци се извршени со физичка сила, шест со употреба на ладно оружје и 211 со закани упатени кон нивните најблиски.
Полицијата во овој период постапувала и по 4.609 поплаки во врска со семејното насилство. Најголем број од поплаките-3.090 се однесуваат на психичко малтретирање, кое е изразено преку вербални закани и навреди, како и упатување погрдни зборови, омаловажување, уцени и бркање од дома. Заради физичко малтретирање, се поднесени 1.073 поплаки, најчесто вршени од сопрузите или од синови, кои под дејство на алкохол физички ги малтретирале своите сопруги, а честопати и своите родители и деца. Заради нерешени имотно-правни односи или од економски причини се поднесени 446 поплаки.
Најмногу поплаки се поднесени на подрачје на СВР Скопје-1.762(1.097), СВР Штип-563(Штип-317, Кочани-90, Берово-69, Пробиштип-47, Виница-18, Делчево-15 и Свети Николе-седум), СВР Струмица-555 (Струмица-386, Радовиш-90, Валандово-51 и Гевгелија-28), СВР Битола-527(Прилеп-356, Битола-87, Ресен-33, Крушево-28, Демир Хисар-13 и Македонски Брод-10), СВР Охрид-510 (Охрид-238, Кичево-174, Струга-93 и Дебар-пет), СВР Куманово-344(Куманово-275, Крива Паланка-40 и Кратово-29), СВР Тетово-192(по 96 во Тетово и во Гостивар) и СВР Велес со најмалку поднесени поплаки -156 (Неготино-72, Велес-59 и Кавадарци-25).
Поплаките се поднесени против 3.970 лица од машки и 719 лица од женски пол. Од нив 927 лица малтретирањата ги вршеле како резултат на психичко растројство, 647 лица биле под дејство на алкохол, додека 50 лица биле под дејство на дрога. Најмногу поплаки поднеле сопруги-1.360, родители-1.005, поранешни брачни другари-454, деца-378, потоа 240 сопрузи, 125 лица во вонбрачна врска, а останатите поплаки се поднесени од други членови на семејството.
Со цел реализација на обврските што произлегуваат од Националаната стратегија за заштита од семејно насилство, претставници на Министерството за внатрешни работи, како едно од клучните институции со широки надлежности на полето на превенцијата и интервенцијата во случаи на семејно насилство, со помош и поддршка на УНДП, УНИЦЕФ, Холандската амбасада и УН Труст фонд, учествуваа во спроведување на повеќе работилници и обуки. Цел на овие активности е зајакнување на националните капацитети за постапување во случаи на семејно насилство, стекнување на нови знаења и пренесување нови искуства во оваа област, се наведува во соопштеноето.