петок, 17 февруари 2012, 12:58
МВР Билтен
Во Охрид на ул. „Цар Самоил“ синоќа во 20,30 часот, при настаната расправија и тепачка помеѓу Н.Д.(29), А.Ф.(31)и А.Ј.(31) од една страна и С.Т.(33) од друга страна, сите од Охрид, им пришло лицето Н.Ч. (36) од Охрид и се обидело да ги раздели.
МВР денеска соопшти дека притоа Н.Ч. бил нападнат со остар предмет во пределот на стомакот, а исто така бил повреден и С.Т.(33). На Н.Ч. му е укажана лекарска помош во Медицинскиот центар во Охрид, а потоа е пренесен и задржан на лекување во Медицинскиот центар Струга. На С.Т. му е укажана лекарска помош во Медицинскиот центар Охрид. СВР Охрид презема мерки за пронаоѓање на учесниците во тепачката и целосно расчистување на случајот.
Непознат сторител синоќа во времето од 20,30 до 21,00 часот, во Скопје на ул. „Тодор Чопов“ со употреба на погоден предмет извршил тешка кражба во куќата на Б.А. (46) од каде одзел поголема количина златен накит со скапоцени камења, причинувајќи материјална штета од околу 1.500.000 денари. Се преземаат мерки за откривање на сторителите.
На 16.02.2012 година, во Полициската станица во Ѓорче Петров е пријавено дека во 15,00 часот истиот ден, во училишниот двор од СУГС „Кочо Рацин“ во Скопје, на учениците К.И. (17) и Р.С. (19) од Скопје, за време додека го користеле големиот одмор, им пришол професорот по физичко воспитување В.Р. (63) од Скопје, по што на К.И. му удрил шлаканица, додека Р.С. го фатил со раце околу вратот, упатувајќи им притоа закани. Полицијата превзема мерки за расчистување на случајот.
СВР Куманово поднесе кривична пријава против И.М. (62) од Куманово за сторено кривично дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Во октомври 2011 година извршен е претрес во домот на пријавениот каде е пронајден пиштол „нагант“ кал. 7,62 мм.
Кумановската полиција поднесе кривична пријава против А.И. (27) од Куманово, за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Во декември 2011 година, во Куманово е извршен преглед над пријавениот и кај истиот е пронајдена 0,2 грама наркотична дрога марихуана.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против С.Б. (30) од Охрид, за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“ и „овозможување на употреба на наркотични дроги и психотропни супстанци“. Во септември 2011 година, извршен е претрес во станот и куќата на пријавениот каде се пронајдени три грама марихуана, а исто така е извршен претрес во домот кај едно лице од Охрид, каде е пронајдена 0,45 грама мешавина тутун и марихуана што пријавениот му ја дал да ја користи.
На 16.02.2012 година, околу 15,00 часот, во село Опила-Крива Паланка на м.в. „Долна Каваклиа“ од страна на полицијата е забележан И.М. (39) од село Опила, со ловна пушка, а откако била издадена усна наредба да застане истиот се дал во бегство. По наредба на Истражен судија е извршен претрес во домот и другите простории на И.М. каде е пронајдена ловна пушка „ЦЗ“ со два патрони, за кој пријавениот не поседувал дозвола, а пронајдено е и отстрелано животно. Во врска со тоа од страна на полицијата во Крива Паланка ипротив истиот ќе биде поднесена кривична пријава за сторени кривични дела „незаконит лов“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“.