Rss feed

Хроника

четврток, 16 февруари 2012, 15:20

Старица пронајдена мртва во завеаното струшко село Јабланица

Осумдесет и седумгодишната Евдокија Кленковска е првата жртва на снежното невреме што зафати струшкиот регион.

Старицата е пронајдена смрзната во својот дом во селото Јабланица кое веќе 10 дена е целосно отсечено од светот. Жителите на Јабланица велат дека дури денеска ја пронашле старицата затоа што во изминативе денови не успеале да стигнат до нејзиниот дом. Од СВР во Охрид го потврдија случајот.

Според изјави на жители на селото Нерези, старица починала и во ова планинско село во Струшко, но во СВР Охрид засега немаат информации за тоа.

Во текот на денешниот ден започна акција за чистење и на патниот правец кој води до Јабланица, но механизацијата не можела да стигне до селото затоа што поради огромните снежни наноси заглавила кај соседното село Боровец.

Снег во планинските села во Струшко и денеска интензивно врне поради што е одложена денешната достава на храна и лекови од страна на ЦУК и АРМ.



 

МРТ © 2010 - Сите права се задржани.