четврток, 16 февруари 2012, 13:38
МВР билтен
На 15.02.2012 година во 15,00 часот во Скопје на ул. „Сагудати“, Е.А. (34) со закана со нож извршил разбојништво врз П.Д. (58), кој претходно дошол во куќата на Е.А. одземајќи му рачен часовник. По документирање на случајот, против Е.А. ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 15.02.2012 година, во времето од 20,30 до 24,00 часот, во скопското село Арачиново, непознат сторител со употреба на погоден предмет извршил тешка кражба во куќата на М.М. (41) од каде што одзел 80.000 денари, златен накит и шест вреќи со грав, причинувајќи вкупна материјалн штета од околу 450.000 денари. Полицијата презема мерки за откривање на сторителот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против М.М. (55) за „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. Во октомври 2011 година во Тетово откако полициски службеници по издадена наредба го привеле Ј.Ц. (65) од Тетово, пријавениот кој бил во друштво со Ј.Ц. им упатувал сериозни закани на полицајците и ги туркал со намера да му овозможи да побегне.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против Џ.П. (28) за „неизвршување судска одлука“. На 07.02.2012 година, пријавениот одбил да постапи по наредба од истражен судија односно да даде примерок од урина со цел да се утврди дали во истата има супстанци на опијати.
Тетовската полиција поднесе кривична пријава против Б.В. (60) од Тетово, З.З. (62) од с.Брвеница, М.Б. (53) од с.Мала Речица, Х.Х. (43) од с.Камењане и Ј.А. (43) од Тетово, сите вработени како шалтерски работници во „ЕВН“ КЕЦ-Тетово, за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во декември 2011 година, пријавените биле задолжени за вредносна пратка со парични средства во износ од 900.000 денари, која од страна на обезбедувањето била однесена во НЛБ „Тутунска Банка“, но таму е констатирано дека во вреќата немало пари. По преземени мерки од страна на полицијата е утврдено дека пријавените несовесно постапиле при потпишувањето и предавањето на пратката спротивно на договорот за соработка со „Тутунска Банка“ и „ЕВН-Македонија“ не се придржувале кон упатството за вакви пратки, односно не извршиле споредба на бројот на пломбата поставена на вреќата и бројот внесен во евидентната книга, притоа овозможувајќи при транспортот непознати лица да ги земат парите.
СВР Струмица поднесе кривична пријава против М.К. (46) од с.Босилово, референт во подрашното шумско стопанство „Ново Село“-ЈП „Македонски Шуми“ за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „фалсификување исправа“. Во ноември 2011 година, пријавениот спротивно на Правилникот за работа издал барање за обезбедување на шумски сортименти за сопствени потреби, кое не било евидентирано во евиденциите на шумското стопанство.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Р.К. (31), поранешен работник во „Т Мобиле“-Тетово, за сторени кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување или уништување деловни книги“, „злоупотреба на лични податоци“ и „посебни случаи на фалсификување исправи“. Во април 2010 година, пријавениот на име на лице од Тетово претплатник на „Т Мобиле“ со фалсификуван потпис ги злоупотребил неговите податоци и подигнал два телефонски апарата. Се преземаат мерки за пронаоѓање на пријавениот.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.М. (34) од с.Челопек, за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Во ноември 2011 година, во Тетово на ул. „Борис Кидриќ“ пријавениот во својство на инвеститор узурпирал земјиште сопственост на Република Македонија и започнал да гради објект без одобрение.
На 15.02.2012 година, околу 19,50 часот, во Куманово кај бензинската пумпа „Роси Петрол“ додека се движела колона од три автобуси навивачи на КК „МЗТ“-Скопје, поголема група навивачи излегле од еден автобус и изреволтирани бидејќи не им бил дозволен влез во спортската сала, непристојно се однесувале, а откако било интервенирано од страна на полицијата, почнале да фрлаат шишиња и метални шипки кон полицајците. Во полициската станица Куманово се приведени И.Н. (30), С.Т. (19) и Х.Р. (20), сите од Скопје, против кои ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Во 21,30 часот, во Скопје на бул. „АВНОЈ„ по организирано враќање на навивачите на КК „МЗТ“-Скопје, околу 20-тина навивачи го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање снег и парчиња мраз кон полициско комбе „фолксваген“ кое било во движење, притоа оштетувајќи ја задната врата. Полициската станица Аеродром презема мерки за расчистување на случајот, при што досега се приведени двајца од учесниците П.И. (18) и Д.П.( 29) двајцата од Скопје, а се работи на утврдување и на другите учесници во случајот, по што против нив ќе биде поднесен соодветен поднесок.
На 15.02.2012 година во 15,00 часот, на околу 50 метри од главниот влез на железничката станица во Прилеп, непознато машко лице на возраст од околу 50 години се фрлило под локомотивата од возот кој сообраќал на релација Битола-Скопје, при што починало. Увид на местото на настанот извршиле истражен судија, јавен обвинител и екипа од припелската полиција. По наредба на истражниот судија, телото на починатиот е предадено за обдукција, а се преземаат мерки за утврдување на идентитетот на лицето.